Koлку децении се потребни за Македонија да го достигне европскиот стандард?
На Македонија ѝ се потребни 56 години за да го достигне европскиот животен стандард.
Oва го покажува извештајот подготвен од осум организации од Западен Балкан, кој е фокусиран на приближувањето на земјите од регионот кон Европската Унија, кој го пренесува МИА.
Сепак, постојат многу фактори што можат да го забрзаат овој процес, но за тоа е потребно да се завршат работите дома, односно да се спроведат клучните реформи, кои ќе дадат резултат во секојдневното живеење, особено на граѓаните.
„Во рамките на истражувањето, направени се неколку сценарија, кои кажуваат дали ќе се намали овој период доколку имаме полноправно членство во Европската Унија, имаме пристап до пазарот, имаме пристап до фондови или имаме продолжена институционална поддршка. Сите сценарија, особено во клучните области: економија, социјални политики и дигитализација, ни даваат јасна слика дека ќе се поместат состојбите многу, дури дел од нив ќе се преполоват, доколку имаме полноправно членство или пристап до европските фондови“, вели Виктор Митевски, извршен директор на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ).
Она кон што треба да се фокусираме како држава е: зголемување на продуктивноста, инвестирање во попаметни социјални трансфери што ќе бидат насочени кон активација, како и инвестирање во дигитализацијата и во инфраструктурата.
foto freepik.com
