Колку чини кирија за дуќан на улица Македонија?
Киријата за дуќан во трговски центар во Скопје се движи од 12 до 40 евра за квадрат месечно, а за на атрактивна локација на главна улица варира од 15 евра до 30 евра во зависност од локацијата и квалитетот на деловниот простор. Ова го покажува истражувањето на пазарот на недвижности на компанијата ЦБРЕ, според кое за дуќан со површина до 150 квадратни метри во строгиот центар на градот се бара месечна наемнина до 40 евра за квадрат. За дуќан со иста големината, киријата во Аеродром изнесува од 9 до 15 евра за квадрат, а во Карпош цената се движи од 10 до 23 евра за квадратен метар. Според ова, вкупната месечна наемнина за деловен простор од 150 квадрати на улица Македонија или во трговски центар од типот на Скопје сити мол изнесува до 6.000 евра.
Во агенциите за недвижности велат дека на пазарот за деловен простор наменет за продавници и трговски објекти најбарани се затворените трговски центри од западен стил, кои учествуваат со 62 отсто во вкупните закупнини, потоа следуваат реонските трговски центри со 31 отсто, а на крај се маалските продавници со учество од 7 отсто.
Извештајот на ЦБРЕ покажува дека во 2016 година вкупната расположива површина на модерни трговски центри во земјава не е проширена за ниту еден нов квадрат и таа изнесува 90.000 метри квадратни, односно по 178 квадрати на 1.000 жители. Исто така, според нивната класификација, во поглед на понудата на малопродажен деловен простор, само неколку трговски центри може да се сметаат за модерни, како што се Скопје сити мол, трговскиот центар Рамстор, Веро центар и Капитол мол.
M.Б.
