Колку чини да се лови во Јасен?
Ловџии од САД и Русија, а во последно време и од европските земји, се чести гости во ловиштето Јасен, вели директорот на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје Јасен, Михаил Малаков. Заради големиот интерес на ловџии од странство, македонските државни ловишта во последните три години се најпосетени на Балканот.
Ловот во Јасен се спроведува исклучиво врз основ на годишни договори со лиценцирани тур-оператори од светот. Во договорите се дадени ловни пакети за определени видови на дивеч и термини кога ловот ќе може да се реализира.
„Тур-опараторите генерално се од Америка, Русија, но има и од Бугарија, Србија, Канада, како и од Нов Зеланд. Во последно време имаме и од Турција, а на наше големо задоволство е и тоа што ни се враќаат ловците од Шпанија и Италија кои поради економската криза во Европа ги имаше помалку“, рече Малахов.
Најпосакуван дивеч за ловење кај ловците е балканската коза која е и заштитен знак на Јасен. Најмалата трофејна вредност што се плаќа во Јасен е 400 евра за отстрел на дива свиња, но нејзин максимум е околу 6.500 евра во зависност од трофејната вредност на уловениот дивеч. Цената за лов на дива коза е од 2.500 до 4.000 евра. Најскап е ловот на еленот - цените се движат од 1.500 до 17.000 евра.
Со склучување на договорот на ловецот му се обезбедени таксите за влез во државата, формалностите околу ловното оружје, транспортот до ловниот дом и назад, сместување како и животно осигурување кое секој посетител на Јасен автоматски го добива. Јасен годишно го посетуваат вкупно 12.000 до 15.000 гости, а минатата година преку тур-оператори ловеле 340 ловци.
Фото: МИА
Слично
