Колку беше ветено, а колку станови годишно се градат во Германија?
Германија се соочува со станбена криза.
Лани се завршени само 206.600 станови, најмалку од 2012 година, покажуваат податоците на германскиот Сојузен завод за статистика, во момент кога побарувачката за достапно домување останува висока, а градежниот сектор е притиснат од високи трошоци, камати и долги процедури.
Во споредба со 2024 година, во Германија биле завршени 45.400 станови помалку или 18 проценти помалку. Тоа е втор последователен голем пад, бидејќи и во 2024 година бројот на завршени станови се намалил за 14,4 проценти. Во периодот од 2021 до 2023 година Германија годишно завршувала околу 294.000 станови.
Политичката цел од 400.000 нови станови годишно остана далеку од реалноста, а новата бројка од 206.600 завршени станови практично е половина од ветеното.
Проблемот не е само во тоа што се гради помалку, туку и во тоа што веќе одобрените проекти тешко се завршуваат. На крајот на 2025 година во Германија имало 760.700 одобрени, но незавршени станови. Од нив, 307.200 веќе биле во градба, што покажува дека кризата не е само во дозволите, туку и во финансирањето, роковите и изведбата.
Германската влада се обидува да одговори со таканаречен „градежен турбо-механизам“, кој треба да ги скрати процедурите и да им овозможи на општините побрзо да одобруваат станбени проекти.
