Колкави се разликите во платите меѓу мажите и жените во Македонија?
Во земјава жените заработуваат за 12,5% помалку од мажите за истата работа.
Мажите земаат поголеми плати од жените според возраст, стаж и големина на претпријатие, со исклучок на лицата со работен стаж меѓу 30 и 34 години каде жените имаат 6% поголема плата.
Ова го покажува инфографиконот изработен во рамки на проектот „Herose and sheroes“: Знаења за анализи и застапување за еднакви плаќања на жените и мајките во Македонија“ на Институтот за економски истражувања „Финанс тинк“.
„Кога ќе се земат предвид карактеристиките како образование, стаж, возраст и во кое занимање се профилираат овој јаз се зголемува на 17,3%. Кај населението пак со најмногу основно образование овој јаз достигнува до 28%. Тоа значи дека жените за работа со иста вредност заработуваат помалку од мажите“- изјави Благица Петрески од „Финанс тинк“, во чија организација, во Скопје се одржува економски форум на тема „Родово еднакви плати за поголем економски раст“.
За намалување на родовиот јаз се препорачува зголемување на минималната плата, особено во текстилната и кожарската индустрија, поголем број градинки, воведување флексибилно работно време, право за скратено работно време на родител на новородено дете, татковско платено отсуство. Други мерки се зголемување на учеството на жените во стручното обарзование, родова еднаквост во приватниот сектор и контроли за намалување на родовиот јаз, како и национална кампања за зголемување на свеста кај граѓаните со цел намалување на негативните последици од роодвиот јаз во плати.
