Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колкави се финансиските штети од временското ограничување и од лиценците за продажба на алкохол?

Колкави се финансиските штети од временското ограничување и од лиценците за продажба на алкохол?

Со воведувањето на лиценците за продажба на алкохол, над 5.500 трговски објекти во земјата, од вкупно околу 13.000 трговски објекти во кои пред 2008-та година се продавале вакви производи, се откажале од продажба на алкохол, со што драстично се намалил нивниот промет. Загуба кај овие објекти е голема затоа што дури 60 отсто од прометот остваруваат токму со продажба на ваков вид производи, пиво, вино и слично со што дополнително загубила и државата поради намалениот прилив на ДДВ.

Само во првата година (2008) по воведувањето на забраната за продажба на алкохол по 19 часот, падот на волуменот во производството на пиво изнесувал 16 отсто. Кумулативно, во првите 3 години од воведувањето на забраната, домашната индустрија за пиво паднала за цели 25 отсто. Вкупната загуба во волумен на производство во овој период изнесувала 180.000 хектолитри.

Само во првите 3 години од примената на законските ограничувања, вкупната загуба во буџетот на државата (од ненаплатени акцизи и ДДВ) од регистрираниот пад во домашната пивска индустрија е поголема од 14 милиони евра. Оваа сума е добиена ако се знае дека вкупните давачки кон државата за 1 хектолитар пиво, со количина на алкохол од 5 отсто, во тој момент изнeсувале 78,8 евра.

Со зголемувањето на висината на акцизата за 33 отсто во јули 2013-та година, домашната индустрија, а особено производителите на пиво претрпеа дополнителни загуби. Имено, падот на волуменот на производството на пиво во 2013 во однос на 2012 беше 12,8 отсто што негативно се одрази и на приливот на средства од даноци и акцизи во државата каса кој што во истиот период се намали за 8,4 отсто.

Домашните производители на пиво платија голема цена со воведувањето на законските рестрикции во трговијата со алкохол во 2008 година и зголемувањето на акцизата на алкохолните пијалаци за 33 отсто во 2013-та година. Но, огромна цена плати и државата. Имено, без ваквите ограничувања, со претпоставен раст од само 1,8 отсто годишно, домашната пивска индустрија, во периодот од 2009-та до 2014-та година, би платила дополнителни 23,8 милиони евра акциза и ДДВ во државниот буџет.

Примената на ограничувањата во трговијата со алкохолни пијалаци во земјата, во изминатите девет години, нанесоа голема финансиска штета на производителите на вино, како и на целокупната домашна винска индустрија која, заедно со лозарството, создава и до 20 отсто од годишниот бруто домашен производ остварен во земјоделството и обезбедува егзистенција за околу 30.000 производители на грозје, на над 12.000 сезонски работници и на повеќеод 2.000 вработени во домашните винарници. Иако македонското вино е еден од водечките национални брендови, а Македонија се декларира како винска земја, согласно статистичките податоци, на домашниот пазар се консумира само 9 отсто од вкупната количина произведена во нашите винарници. Згора на тоа, ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа придонесе за намалување на продажбата на вино за повеќе од 10 отсто на годишно ниво, што секако негативно се одразува на приходите на самите винарници, а со тоа и на нивните планови за откуп на грозјето од лозарите.

Ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа директно го стимулираше производството и трговијата со алкохолни пијалаци „на црно“, за кои не се плаќаат акцизи и даноци и кои се широко достапни за целокупното население, вклучувајќи ги и најмладите. Имено, најголемиот дел од субјектите кои се занимаваат со трговија на мало низ целата територија на Република Македонија се мали, семејни бизниси, кои немаат финансиска моќ, и кои, поради рестриктивните услови, воопшто и не поседуваат лиценца за продажба на алкохолни пијалаци. За наведеното најдобро говори вкупниот број на издадени лиценци за продажба на алкохолни пијалаци, кои согласно последните јавно достапни податоци од Регистар за издадени лиценци за алкохолни пијалаци објавени на веб- страницата на Министерството за економија (датум на објавување 30 јануари 2013 година) изнесуваат вкупно 3.280, што е особено мала бројка ако се земе предвид дека бројот на субјекти регистрирани за вршење на оваа дејност е најмалку двојно поголем.

Овие обврски претставуваат особено големо финансиско оптоварување и за трговците кои имаат повеќе од три продажни објекти, и кои за продолжување на лиценцата, покрај износот од 15.000 денари, плаќаат и износ во висина од 0,05 отсто од вкупниот промет остварен во претходната година. Треба да се има предвид и фактот дека оваа одредба е дискриминирачка во поглед на тоа што трговците кои имаат до 3 продажни објекти се обврзани за продолжување на лиценцата да платат надоместок во износ од  5.000 денари за секој продажен објект, додека пак трговците кои имаат над 3 продажни објекти за продолжување на лиценцата потребно е да платат  15.000 денари за секој продажен објект и дополнителни 0,05 отсто од вкупниот остварен промет. Оваа одредба наметнува несразмерни обврски во однос на трговците кои имаат над 3 продажни објекти, а кои сакаат да ја продолжат важноста на лиценцата за продажба на алкохол. Под претпоставка дека доколку овој износ би бил во еднаков износ за сите трговци (на пример 5.000 денари и без износот од 0,05 отсто од вкупниот промет), а процедурите би биле поедноставени и побрзи, со што би се зголемил најмалку двојно бројот на издадени лиценци (а со тоа и бројот на субјекти кои продаваат алкохолни пијалаци), практично не би имало загуба во буџетот од приходи од издадени лиценци за продажба на алкохолни пијалаци.


Слично

Поврзани вести