Колкави им се платите на градоначалниците по изборите? Митовски најскромен, тие на големите општини ги кријат
Поголемиот број на градоначалници по завршените локални избори ги доставија анкетните листови до Државната комисија за спречување на корупција, но само мал дел меѓу нив ги објавиле своите нето плати. Речиси сите кои транспарентно ги објавиле платите се од општините со помалубројно население, додека оние од поголемите не ги навеле овие податоци.
Сашко Митовски можеби е најпознатиот градоначалник кој по локалните избори ја објави својата нето плата во анкетниот лист. Месечните примања на градоначалникот на Крива Паланка се 56.371 денари.
Најдоброплатен градоначалник е Ејуп Абази, кој донесе ретка победа за ДУИ во Студеничани, со 102.000 денари. Меѓу оние кои досега ја пријавиле платата, висока има и Ристо Манчев, старо-новиот градоначалник на Босилово со 95.520 денари. По него следува новиот градоначалник на Старо Нагоричане, Мирослав Славковски, со 91.256 денари.
Ѓорѓе Божинов, кој доби втор мандат во Ново Село, пријавил плата од 90.121 денари, додека Виктор Паунов, новиот победник во Карбинци има градоначалнички доход од 86.300 денари. Ванчо Митев, кој во Зрновци беше еден од ретките кандидати што победи од редовите на СДСМ, има плата од 58.000 денари.
Игор Каравилоски од Кривогаштани ја навел платата од претходното работно место, а има и такви кои пред Антикорупциска ги објавиле другите типови на приходи, но не и платите како актуелни градоначалници.
Коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје изнесува од 2,70 до 3,70 овие коефициенти се множат со просечната нето плата од претходната година а во 2022 година изнесува околу 31.000 денари.
Според Закон за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во републиката, коефициентите за градоначалниците се определуваат според бројот на жителите и тоа:
– за градоначалник на општина до 10.000 жители, коефициент 2,70;
– за градоначалник на општина од 10.001 до 25.000 жители коефициент 2,90;
– за градоначалник на општина од 25.001 до 50.000 жители, коефициент 3,20 и
– градоначалник на општина со над 50.000 жители коефициент 3,40
А.К.