Колкава е стапката на невработеност во европските земји каде Македонците се иселуваат?
Во повеќето европски земји каде македонските граѓани се иселуваат, стапката на невработеност е ниска. Овие држави имаат едноцифрени стапки на невработеност, нешто што не е случај со Македонија.
Германија, земја каде се преселија многу Македонци е со стапка на невработеност од 3.8 отсто според Евростат. Словенијa бележи 5 отсто невработеност, а Холандија има 4 отсто невработеност.
„Точно е дека Словенија е успешна и перспективна држава. Сум бил на шетање и во Шпанија и во Италија, во Германија, во Скандинавија, но Словенија е мала и убава држава. Има солидни услови за живот. Имам работено и на југ и во Крањ, и во Љубљана, секаде има работа. Сите региони се развиени. Јас сум од Кратово и работа тука има многу малку, а за споредба Пробиштип е поразвиен. Словенија е мала, убава, чиста земја и е пристојно место за живеење. Во Малта имаат развиен туризам и градежништво. Се потпираат претежно на тие сектори, на туризам, угостителство, трговија, градежништво. Општо земено од тоа живеат“, вели Горан Стаменов, кој работел во Словенија.

Малта има невработеност од само 3.1 отсто. Хрватска според Евростат има стапка на невработеност од 4.6 отсто. Но, во Италија состојбата не е толку сјајна. Таму стапката на невработеност е 5.7 отсто. Швајцарија не е дел од ЕУ, но статистиката покажува дека невработеноста во оваа држава изнесувала од 4.5 до 5 отсто претходно.

Во рамки на ЕУ, Честите и Полјаците, можат да се пофалат со ниска невработеност, односно во двете земја е 3.2 отсто. Соседна Бугарија има стапка на невработеност од 3.5 отсто.
Луксембург, земја која е позната по високите плати, сепак има 6.9 отсто невработеност, а Португалија има 5.7 отсто невработеност.
Шпанија е во најлоша позиција, со стапка на невработеност од 10.4 отсто, а Грција има невработеност од 8.2 отсто. Финска е во лоша состојба како Шпанија и има невработеност од 10.1 отсто, а Шведска е со 9 отсто. Латвија има 7.1 отсто невработеност, а Франција има 7.7 отсто. Во Данска невработеноста е 6.1 отсто, а во Белгија е 6.4 отсто. За споредба во Македонија во третото тромесечје лани стапката на невработеност изнесуваше 11.5 отсто, според Државниот завод за статистика(ДЗС).
Сања Атанасовска