КОЛКАВА Е РЕАЛНАТА ВРЕДНОСТ НА ОПРЕМАТА И ПОСТОЈКИТЕ НА ТЕЦ НЕГОТИНО, ревизорот се сомнева во проценката
Дали вредност на недвижнините, постројките и опремата со кои располага ТЕЦ Неготино е реалната, е прашање кое се наметнува по објавата на независниот ревизорски извештај на веб страната на Македонска берза.
Во ревидираните финансиски извештаи за работењето на компанијата за минатата година поставени на берза, вклучен е и независен ревизорски извештај, каде е посочено дека „Друштвото нема извршено проценка на објективната вредност на недвижностите, постројките и опремата кои во сметководствената евиденција на Друштвото изнесуваат 429.047 илјади денари и како последица на тоа не бевме во можност да се стекнеме со разумно уверување дали таа вредност ја одразува објективната вредност на истите , како што бараат сметководствените стандарди прифатени во Македонија“.
Од објавата на берза во извештајот од независниот ревизор до раководството и акционерите на АД ТЕЦ Неготино се посочено дека се прави „ревизија на приложените финансиски извештаи на АД ТЕЦ НЕГОТИНО коишто ги вклучуваат: Извештај за финансиска состојба заклучно со 31 декември 2021, Извештај за сеопфатна добивка, Прегледот на паричните текови, Извештајот за промената во главнината за годината која што завршува на тој датум, како и прегледот на значајни сметководствени политики и други објаснувачки белешки“.
Од независниот ревизор посочуваат дека:Раководството е одговорно за подготвувањето и објективното презентирање на овие финансиски извештаи во согласност со сметководствените стандарди кои се прифатени и кои се применуваат во Македонија како и за интерните контроли кои се релевантни за подготвувањето и објективното презентирање на финансиските извештаи, ослободени од материјално погрешни прикажувања, без разлика дали е тоа резултат на измама или грешка.
- Наша одговорност е да изразиме мислење за овие финансиски извештаи врз основа на нашата ревизија. Ревизијата ја извршивме во согласност со Меѓународните ревизорски стандарди кои се прифатени и кои се применуваат во Република Северна Македонија. Тие стандарди бараат да ги почитуваме етичките барања и да ја планираме и извршиме ревизијата за да добиеме разумно уверување за тоа дали финансиските извештаи се ослободени од материјално погрешни прикажувања. Ние веруваме дека ревизорските докази кој ги имаме прибавено се достатни и соодветни за да обезбедат основа за нашето ревизорско мислење. Основа за мислење со резерва 1. Како што е наведено во белешка 19, Друштвото нема извршено проценка на објективната вредност на недвижностите, постројките и опремата кои во сметководствената евиденција на Друштвото изнесуваат 429.047 илјади денари и како последица на тоа ние не бевме во можност да се стекнеме со разумно уверување дали таа вредност ја одразува објективната вредност на истите , како што бараат сметководствените стандарди прифатени во Република Северна Македонија (МСС 36 - Обезвреднување на средства). 2. Како што е обелоденето во белешката 36, за годината што завршува на 31.12.2021 година признати се ревалоризациони резерви во износ од 57.526 илјади денари кои биле пресметани според пресметки базирани на сметководствени прописи кои повеќе не се во примена во Република Северна Македонија од 2009 година, а според кои ревалоризацијата на набавната вредност се пресметуваше со примена на општи индекси за промена на цените на индустриските производи. Мислење со резерва Според наше мислење, освен ефектите од прашањето наведено во пасусот „основ за мислење со резерва", финансиските извештаи на друштвото, во сите материјално значајни аспекти, ја претставуваат реално финансиската состојба на Компанијата на ден 31 Декември 2021 година и резултатите од работењето, промените во капиталот и паричните текови за годината што завршува на тој датум, во согласност со Сметководствените стандарди што се применуваат Македонија – се истакнува во извештајот.
Инаку компанијата ТЕЦ Неготино работи во електроенергетскиот систем на Македонија во производство на електрична енергија. Како што и е познато на јавнсота, компанијата не произведува електрична енергија за тековни потреби туку се чува како „ладна резерва" и е оспособена да се вклучи во системот доколку се јави поголемо нарушување во снабдувањето со електрична енергија во земјава. Во ноември 2021 година, АД ТЕЦ Неготино беше пуштена во употреба поради енергетската криза во земјата поради што е склучен договор со ЕСМ за деловно-техничка соработка од 26/11/2021 со важност до 31/03/2022. Притоа ЕСМ се обврза да го обезбеди мазутот за производство на струјата и во целост ќе ја превземе и плати произведената електрична енергија согласно условите на договорот.
Фактор веќе објави дека ТЕЦ Неготино потрошил мазут од безмалку 5 милиони евра за неполн месец откако започна повторно со работа во екот на енергетската криза од 18 декември лани, но не постои пресметка колкава е исплатливоста од рестартирањето на термоелектраната за краткиот период на крајот од 2021.
Петранка Огнаноска
