Колкава е цената на нафтата на меѓународните пазари?
Цените на нафтата остануваат близу 105 долари додека пазарите чекаат дипломатски сигнал.
Цените на нафтата денеска се задржаа близу 105 долари на меѓународните пазари. Трговците ги следат сигналите за можен нов круг преговори меѓу Иран и САД, но и предупредувањата дека нормализацијата на транзитот низ Ормускиот теснец нема да се случи брзо.
На лондонскиот пазар, барел нафта попладнево се тргуваше речиси по истата цена како и на вчерашното затворање, од 104,90 долари. На американскиот пазар барелот беше поевтин за 1,78 долари и изнесуваше 94,07 долари.
Расположението на пазарите оваа недела беше под влијание на иранската блокада на Ормускиот Теснец и американската блокада на иранските пристаништа.
Пред една недела Иран објави дека го отвора теснецот, но со услов бродовите да го координираат минувањето со иранската морнарица. САД, пак, ја продолжија блокадата на иранските пристаништа во Оманскиот Залив и Арапското Море, и покрај продолженото примирје.
Техеран предупреди дека блокадата претставува кршење на примирјето и повторно го затвори Ормускиот Теснец. Иранската војска во меѓувреме пресретна неколку бродови што се обиделе да поминат низ теснецот и ги придружила до иранскиот брег.
Американската војска, пак, изврши упад на ирански контејнерски брод во Оманскиот теснец, а запре и танкер во близина на Шри Ланка.
