Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колкава дневница може да заработи градинар во Македонија?

Колкава дневница може да заработи градинар во Македонија?

Април месец е период кога граѓаните сакаат да ги средат своите дворови и ангажираат градинари. Луѓето кои ги разубавуваат дворовите велат дека во Скопје има работа и може добро да се заработи.

Скопјанец ни објаснува дека еден градинар може да среди два двора во текот на денот и да заработи 4.000 денари. Но, како што наведува, и за оваа професија луѓето треба да имаат знаење и професионално да си ја завршат работата.

„Тоа е периодична работа. Во овој период од годинава бараат градинари, а летно време е многу топло, нема толку работа, и пак во есен луѓето си бараат градинари. Некој плаќа месечно, некој дневно. Има и скапи цвеќиња во дворовите и мора да се има познавање за нив. Постарите луѓе и поимотните обично бараат градинари“, рече скопјанец кој работи како градинар. 

Во огласите меѓу другите професии се бараат и градинари, и во нив е наведено дека лицето мора да се разбира во одржување на зелени површини, косење на трева, кроење и одгледување на дрвца, одржување на дворови и слично. Се додава дека лицата треба да имаат искуство. Поединци бараат градинари, но и фирми.

Скопјанец кој се занимавал со оваа работа и се откажал, вели дека со одржување на градини и дворови најмногу работа има во пролет, што го смета за недостаток за лицата кои сакаат сигурен ангажман и редовни приходи. Друг градинар додава дека од 1.000 до 2.000 денари наплаќа за еднократно средување на дворовите. Цената како што наведува зависи од големината на дворот и од тоа колку е одржуван претходно.

„Работа има повеќе за кроење на киви, лозници, за средување на огради. Се јавуваат луѓе кои не се во состојба сами да ги одржуваат градините, најчесто стари луѓе. Тие почнуваат од април да бараат градинари. Има и млади луѓе градинари што си имаат редовни муштерии и си работат. Одржувањето на градината зависи од временските услови. Ако е врнежливо и двапати месечно треба да се средува градината, а во просек барем еднаш месечно треба да се коси. Ако добро ја средите градината, пак ќе ве викаат, односно квалитетот на работата е битен“, вели Драги П. градинар.

Градинари се бараат и за работа на Јадранот преку лето. Оние кои веќе работеле во странство како градинари велат дека трудот се исплати. Фокусот е ставен на работа во Скопје, но и на работа во странство ако има можности. Во помалите места шансите за заработка се помали. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести