Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колкава дивиденда ќе подели НЛБ Банка?

Колкава дивиденда ќе подели НЛБ Банка?

Во 2017 година нето добивката е 2,12 милијарди денари и таа резултат на зголемено пазарно учество. Во споредба со 2016 година добивката е поголема за 546,6 милиони денари. Лани, од добивката остварена во 2016 година, 54 отсто од профитот беа исплатени во дивиденда.

НЛБ Банка Скопје за 2017 година оствари добивка од 2,125 милијарди денари односно 34,38 милиони евра и тоа е резултат што е за 546 милиони денари односно 9 милиони евра подобар од оствареното во 2016 година. Добивката по акција изнесува 2.488 денари и е за 639 денари повисока од преклани. Инвеститорската заедница е на „слатки маки“ прогонозирајќи: колкава дивиденда ќе одлучи да подели НЛБ Банка за своето работење во 2017 година? Оптимизмот на купувачите се појави уште во петок пред објавата на финансиските извештаи и цената на таа акција достигна 13.600 денари и тоа е само 150 денари пониско од највисоката цена постигната во последните 52 трговски седмици. Доколку најголемиот акционер словенечката НЛБ Банка одлучи целата расположлива добивка да ја подели во дивиденда тогаш приносот би надминал и 15 отсто од последната пазарна цена на таа акција.

За ваше потсетување, лани од работењето во 2016 година НЛБ исплати 847,5 милиони денари дивиденда, а во 2016 година од работењето во 2015 година исплатената дивиденда е 581,47 милиони денари. Како ќе биде годинава ќе видиме наскоро.

Како изработила лани НЛБ Банка?

Најважните атрибути на 2017 година освен солидната добивка се следниве:
приходите од камати се пониски од 2016 година, но и покрај тоа банката има поголема нето разлика од камати заради значајно скратени каматни разлики. Соодносот е следен (од билансот на успех): од камати се наплатени 3,494 милијарди денари, а за камати се платени 630,6 милиони денари.Има раст на приходите од провизии и надоместоци и на бруто и на нето основа и тоа е веројатно комбинација од зголемен обем на работа и од зголемување на цените на некои одредени услуги. Резултатот за банката од оваа ставка е 1,018 милијарди денари нето ефект. 

Значајно зголемување на депозитната база од други коминтенти која безмалку достигна една милијарда евра (над 56 милиони евра повеќе од крајот на 2016 година). Раст на кредитните пласмани на други коминтенти (фирми и домаќинства) за 2,6 милијарди денари до ниво 48,7 милијарди денари. И тоа, очекувано, проследено со раст на резервациите за пласманите до износ од 468,6 милиони денари што е за 34 отсто повеќе од 2016 година. Соодносот на дополнителни резервации со ослободени резервации (според паричниот тек) е 745,9 милиони денари наспрема 275,65 милиони денари.

Значаен позитивен резултат банката има кај ставката загуба заради оштетување на нефинансиски средства на нето основа каде всушност остварила позитивен резултат и тоа од 221,7 милиони денари. Ова секако позитивно и солидно влијаело и на крајниот резултат.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести