Колкав процент од граѓаните во Македонија се сиромашни?
Скоро половина од граѓаните во државата се соочуваат со сиромаштија.
Во 2014 година, 43,2% од населението било подложено на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Овој податок стои во публикацијата „Одржлив развој“ на Државниот завод за статистика.
Податоците говорат дека стапката на сиромаштија била поголема кај мажите и тоа 22,3%. Младите луѓе до 18 години имале поголем ризик од сиромаштија или 29 %. Сиромаштијата помалку ги погодува луѓето на возраст над 65 години, кои генерално живеат од пензии и од социјални трансфери.
Во текот на 2014 година, најранливи биле домаќинствата со три или повеќе издржувани деца, при што 51,1% од лицата што живеат во такви домаќинства се сиромашни. Најмалку подложни на сиромаштија се лицата во домаќинства на самци или 6,9%.
Најголемиот дел од потрошувачката на домаќинствата бил наменет за задоволување на потребите за храна, 31,9%, за домување – 24,9%, транспорт – 8,6% и за комуникации – 3,6%.
Ако се вратиме назад, во 2013 година сиромашни биле 500.400 граѓани или 24,2% од вкупното население.
Во 1997 година тој број бил 19% или околу 360.000 граѓани.
