Колкав економски раст прогнозира ММФ за Германија, Франција, Британија?
За Германија се очекува економски раст од 0,8 проценти во 2026 година и 1,2 проценти во 2027 година, во двата случаи за 0,3 проценти помалку отколку во претходната проекција. Франција, втората најголема економија во Еврозоната, ќе забележи економски раст од 0,9 проценти во обете години, при што прогнозата за оваа година е намалена за 0,1 процент, а за следната за 0,3 проценти. Велика Британија, според Меѓународниот монетарен фонд(ММФ), може да очекува раст од 0,8 проценти во 2026 година и 1,3 проценти во 2027 година, при што прогнозата за оваа година е ревидирана надолу за дури 0,5 проценти, а за 2027 година за 0,2 проценти.
ММФ денеска ја намали прогнозата за економскиот раст на Еврозоната на 1,1 процент во 2026 година, што е за 0,2 проценти помалку отколку во јануарскиот извештај. ММФ прогнозира мало забрзување на 1,2 проценти во 2027 година, што е исто така за 0,2 проценти помалку од претходната проценка.
Главниот економист на Фондот, Пјер-Оливие Гуринса, оцени дека конфликтот на Блискиот Исток „го запре моментумот на раст“ и нагласи дека конечните ефекти ќе зависат од времетраењето и интензитетот на конфликтот. Тој посочи дека клучен фактор ќе биде брзината на нормализација на производството и транспортот на енергија по завршувањето на конфликтот, што директно влијае на глобалните цени и економските текови.
