Колкав девизен прилив од туризам ќе има Македонија?
За 26,5 проценти поголем девизен прилив има туризмот во првиот квартал годинава за разлика од истиот период минатата година. Очекувањата се дека 2018-та година ќе заврши со прилив до 24 милијарди денари, посета на 1,2 милиона туристи и реализирани 3,2 милиона ноќевања.
Како што рече денеска директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски, идната година во фокусот на привлекувањето туристи, покрај Турција, Бугарија и Полска кои засега се најбројни, ќе бидат и Романија, Германија и Шпанија. Постои интерес за воведување директна авиолинија Букурешт - Охрид, а се размислува и за обезбедување пет или десетдневни визи за кинеските туристи кои се многубројни во регионот.
Агенцијата сосема го менува концептот на промоција. Акцент става на он-лајн рекламирањето на кое отпаѓаат 70 отсто. Останатото рекламирање е преку класични медиуми.
