Колективниот договор предвидува К-15, ама дали работниците ќе го видат?
Од 1 јули па до крајот на годинава работодавачите во приватниот сектор треба да им исплатат К-15, односно регрес за годишен одмор на своите вработени. Парите треба да легнат на трансакциските сметки на околу 300.000 вработени во приватниот сектор, а сумата треба да изнесува најмалку 8.400 денари или 40% од просечната нето плата, пишува Дневник.
Дел од вработените во поголеми и побогати компании уште од сега започнале да го добиваат регресот за годишен одмор и тоа во сума поголема од минимално предвидената. Сепак за останатите работодавачи тоа е непредвиден трошок кој тешко ќе го покријат
„Имаме реакции од компании што не се согласуваат со оваа награда која стана законска обврска. Тие сакаат по слободна волја да одлучат како и кога ќе ги наградат своите вработени. Сепак, тие најмалку 40 отсто од просечната плата во земјава се непредвиден трошок за компаниите кој не е влезен во бизнис-плановите за годинава“, смета Миле Бошков од Бизнис-асоцијацијата на Македонија
Работникот кој од газдата нема да добие К-15 ќе мора правдата да ја бара на суд. Законот за работните односи предвидува дека тој може со тужба пред надлежниот суд да бара заштита на правата од колективниот договор, но ако претходно со помош на арбитражата од страна на синдикатот, а и со трудова инспекција не успее да го натера газдата да ги почитува законските одредби.
Токму ова ги прави скептични поголемиот дел од работниците дека воопшто ќе им биде исплатен регрес за годишен одмор, иако на тоа имаат право согласно колективниот договор.
Слично
