Колегите бараат Божиновски да се брани од слобода – рочиштето одложено
Новинарските здруженија и медиумски организации, медиумски работници, активисти денеска се собраа пред Кривичниот суд, со барање судот да му овозможи на новинарот Зоран Божиновски да се брани од слобода.
Тие бараат случајот „Шпион“ да биде предаден на Специјалното јавно обвинителство.
Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија вели дека ако судот дозволува поранешни функционери, осомничени за сериозно нарушување на демократијата да се бранат од слобода, тогаш тоа може да важи и за Божиновски. Додава дека Божиновски веќе три години е изложен на судски прогон поради неговата работа како новинар.
„Ги потсетуваме судиите дека Македонија е втора земја во Европа, во која има новинар во затвор. Прво беше осуден Томислав Кежаровски, а сега и Божиновски. Гласно прашуваме кој ќе биде следниот. Во земјата каде што новинарите се затвораат, таму е заробена и слободата на говорот и слободата на медиумите. Таквите судски постапки имаат цел да ги казнуваат непослушните новинари и да ги застрашуваат и дисциплинираат другите“ - изјави Селмани.
Во меѓувреме, се одложи денешното судско рочиште за новинарот Божиновски поради технички причини. Бидејќи за него се води одвоена постапка, судијата немал увид во доказите па затоа ќе побарал од Апелација, да му бидат доставени сите докази за да може да се одржи следното рочиште кое е закажано за 27 септември. Во Апелација во тек е жалбената постапка за 17 други лица во случајот „Шпион“.
Божиновски се товари за злосторничко здружување, за шпионажа и за уцена.
Тој беше уапсен и екстрадиран од Србија по налог на српското Министерство за правда.
