Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кокаловиќ: Во Македонија се продаваат најмногу Mitsubishi возила во Европа, и во криза може да се биде прв

Кокаловиќ: Во Македонија се продаваат најмногу Mitsubishi возила во Европа, и во криза може да се биде прв

Според пазарното учество, во Македонија се продаваат најмногу Mitsubishi возила во однос на цела Европа. Веднаш зад Македонија се Норвешка, Исланд, Финска, Германија, Шведска, вели Владица Кокаловиќ, директор на Mitsubishi за Македонија. Двата модела ASX и Space Star, се исто така најпродавани возила кај нас, споредено со Европа. Кокаловиќ вели дека во кризната 2020 година успеале да ги сведат трошоците на можен минимум креирајќи стратегија за да не се намали продажбата. Во клучните моменти сметал дека не треба да се откажува набавката на возила и заедно со тимот да се изборат за бизнисот. Стратегијата се покажала успешна, односно успеале не само да го зачуваат бизнисот на нормално ниво, туку да забележат поголем раст на продажбата

Јануари, период кога се сумираат резултатите од сите бизниси од минатата година. Како ја оценувате 2020 година?

Кокаловиќ: Исклучително ризична. Кога локалната економија бележи пад поради сопствениот слаб имунитет, тоа ме загрижува делумно. Но, кога ќе разберете дека светската економија станува анемична, тогаш тоа е проблем. Во тој случај, неопходно е секојдневно да ги следите сите можни трендови и брзо да одговорите на пазарот.

Што се случуваше во текот на пандемијата?

Кокаловиќ: Предвидувањата беа дека падот на светската економија може да биде и над 10 отсто, што би значело досега невиден удар врз економијата во поново време. На домашен план, на големо се разгледуваа планови за отпуштање на вработени, драстично намалување на трошоци, но и прекин на сите вложувања, нарачки итн.

Интересно беше што фабриките во Азија, Америка и Европа, реагираа различно.. Мојот впечаток беше дека фабриките во Азија и Америка, само делумно ги намалија своите производства, додека во Европа имаше поголем пад. Тоа даде сигнал дека фабриките немаа намера на драстично намалување или целосен прекин на производството, што значи дека ќе вршат поголем притисок врз своите Влади, за намалување на евентуалните рестрикции поради пандемијата, што и така се случи.

Што презедовте Вие?

Кокаловиќ: Се разбира дека трошоците ги сведовме на можен минимум, но велам можен, доволно за да не се загрози продажбата. Имајќи предвид дека фабриките нема така лесно да се откажат од намерата да продолжат да работат нормално, ми даде поттик да размислувам дури и за зголемување на продажбата. Дополнителен инпут беше и информацијата дека добар дел од домашните компании ги намалуваат или откажуваат планираните нарачки, што според мене тогаш се ослободи простор на пазарот. Прашањето беше, дали пазарот и во вакви услови е подготвен да ги следи фабриките. Многу е важно да имате добра и точна информција за пазарот, добро да го познавате. Моето мислење во тој момент беше дека пресудни ќе бидат комплексните, социо-психолошки фактори кои го дефинираат купувањето во Македонија, што подоцна се покажа како точно. Сметав дека не треба да се откажува набавката на возила и заедно со својот тим да се избориме за бизнисот. Стратегијата беше успешна, односно успеавме не само да го зачуваме бизнисот на нормално ниво, туку и да забележиме поголем раст на продажбата.

Направивте врвен успех, Македонија да стане прва земја во Европа, каде најмногу се продаваат Mitsubishi возила.

Кокаловиќ: Да според пазарното учество, во Македонија се продаваат најмногу Mitsubishi возила во однос на цела Европа. Веднаш зад Македонија се Норвешка, Исланд, Финска, Германија, Шведска итн. Двата модела ASX и Space Star, се исто така најпродавани возила кај нас, споредено со Европа. 

Да не звучи стереотипно, но ќе повторам, многу е важно да ја имате вистинската информација во вистинско време. Да, ризик секогаш постои, односно треба прецизно да се управува со обртните средства за да не ја загрозите кондицијата на компанијата. Затоа ризикот се сведува на минимум и добивате можност. Треба исто така да внимавате на 2 работи, системот кој што сте го поставиле во компанијата да биде флексибилен за да може лесно да се прилагоди во дадена ситуација и како второ, истиот во секое време да биде подготвен да реагира кога ќе се укаже шанса.

Што би била Вашата порака?

Кокаловиќ: Едно големо благодарам до купувачите, бидејќи без нивната доверба, немаше да го постигнеме овој бизнис успех.

Независно од сево ова, посакувам што побрзо да излеземе од кризата со пандемијата и се надевам дека во иднина сите ќе работиме на тоа да бидеме поодговорни кон околината.


Слично

Поврзани вести