Кокаинот е нов крал во Европа, Македонија дел од нелегалните канали
Европа е нов крал на кокаинот со зголемена потрошувачка на нелегалната супстанца кој се шверцува од Латинска Америка. Главната причина за промена на нелегалната дистрибуција на глобалните криминални мрежи е растот на потрошувачка на кокаин на европско тло, а намалување на „интересот“ во САД, што отвара простор за вклучување и на домашните нарко групи во овој лукративен црн бизнис.
Додека САД се справуваат со кризата предизвикана од фентанилот, европските рути се засилија со прилив на огромни количини на кокаин. Според меѓународните надзорни групи како и органите на прогонот, кокаинот владее со Европа, а широкораспространетата корупција овозможува нарко групите со „леснотија“ да ги вршат нивните операции.
Преплавеноста на пазарот доведе и до многу пониски просечни цени на кокаинот на улиците во споредба со пред десет години, а со тоа и полесен пристап до повеќе категории на луѓе кои стануваат зависници или „муштерии“. Европа е на раб на криза во јавното здравје предизвикана од кокаинското цунами, но во Македонија речиси воопшто и да не се зборува за (зло)употребата на кокаинот, бројот на корисници и зависници, здравствените последици и општественото влијание.
Пристаништата во Франција, Шпанија, Португалија, Холандија и Балканот стануваат главните точки на влез на кокаинот од Латинска Америка. Карактеристично за балканските нарко групи во изминатите години е што создадоа директна врска со латиноамериканските нарко картели. Овие групи вршат набавки директно од самите извори во држави како Еквадор, Колумбија, Боливија и други, го организираат транспортот до точката на влез, а потоа преку каналите за шверц го дистрибуираат на европскиот пазар, додека помал дел останува за „потребите“ на домашниот пазар.
Европските власти во последните години запленија повеќе количини кокаин отколку нивните колеги во САД. Но, иако заплената изнесува околу 400 тони годишно, претпоставките се дека станува збор само за мал процент од вистинската увезена количина на овој наркотик.
Нарко групите имаат контрола врз операциите во пристаништата со висок степен на корупција и поткупени пристанишни офицери, полицајци, обвинители, судии и политичари. Станува збор за испреплетени мрежи кои вешто избегнуваат криминален прогон, а операциите на полицијата често се пробиваат преку инсталираните доушници.
Европа и регионот беа шокирани од агресивноста и комоцијата со која оперираа одредени балкански кланови, кои беа разоткриени преку пробивање на криптираната комуникација на специјализирани апликации како Скај.
Дел од македонските нарко групи исто така беа разоткриени во пробивањето на Скај комуникациите кои преку Интерпол беа доставени и до македонската полиција и обвинителство по што следуваа одредни акции против домашните нарко групи како Беланоца и Грчец. Во пресметката на овие две групи дојде до десетина ликвидации, од кои повеќето беа извршени на јавни локации сред бел ден, налик на нарко пресметките во Колумбија во ерата на Пабло Ескобар.
По големата акција на МВР и обвинителството за заплена на десетици тони нелегална марихуана произведена во македонските лиценцирани фабрики за канабис се поставува прашањето дали станува збор за вистинска решителност за справување со нарко мафијата во Македонија. Дел од операциите за набавка и дистрибуција на кокаин од Латинска Америка се претпоставува дека се финансирани со шверцот на марихуана.
Јавна тајна е дека кокаинот е „омилена“ дрога во Македонија, а ја консумираат и богати и сиромашни, и јавни личности, политичари и анонимни граѓани, и вработени и невработени, бидејќи со години беше „тивко“ толерирана нелегална супстанца која може многу лесно да се набави.
Јавна и транспарентна истрага ќе овозможи расчистување со сите сомнежи околу начинот на кој функционирале нарко групите и нивната поврзаност со политичките елити како и корумпираните мрежи во институциите, а за тоа сега постои и очигледна меѓународна поддршка и заложба да се разоткрие криминалот.
Х.С.