Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВО ТРАГА НА ПАРИТЕ: Која партија колку потроши во изборната кампања?

ВО ТРАГА НА ПАРИТЕ: Која партија колку потроши во изборната кампања?
Во последните денови од изборната кампања за парламентарните и претседателските избори, речиси сите политички партии потрошиле повеќе отколку што собрале во изборната партиска каса. Ова го покажуваат финансиските извештаи на политичките партии, објавени на интернет страната на Комисијата за спречување на корупција за периодот од 17-ти до 25-ти овој месец. Минусно салдо на сметката на ВМРО ДПМНЕ Најмногу пари и најголемо минусно салдо во износ од над 89.000 евра има на партиската сметка за претседателските избори на Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ. Најголем дел од парите или 69.116 евра се потрошени за реклама и пропаганда, 21.138 евра за телекомуникациски услуги, а остатокот по други основи. Еве каква е состојбата на сметката за претседателската изборна кампања на ВМРО ДПМНЕ, во последните денови од кампањата: Вкупни приходи 8.041 евра Вкупни приходи од донации 8.041 евра Вкупни останати приходи  0 Вкупни расходи 97.808 Приходи/расходи – 89.767 евра Сумирано со претходните извештаи,  изборната кампања на кандидатот на Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов, чинела 770.635 евра. На листата на донатори во сите три извештаи се јавуваат имиња на директори на државни институции, познати актери, пејачи, градоначалници, министри, директори на јавни претпријатиај, носители на листи за парламентарните избори. Од друга страна за предвремените парламентарни избори, Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ, за изборната кампања потрошила над половина милион евра повеќе отколку што се собрале на партиската изборна сметка. Вкупните приходи изнесуваат 135.390 евра и сите се по основ на чланарини, приходи по основ на донации нема. За изборната кампања се потрошени 727.877 евра, најмногу 665.328 евра за реклама и пропаганда, 17.073 за услуги за печатење и копирање, а остатокот по други основи. Сумирано со претходниот извештај, кампањата за предвремените парламентарни избори ја чинела Коалицијата  1.441.814 евра. Колку чини изборната кампања на ДУИ? Во последните денови од изборната кампања за парламентарните избори, Демократската унија за интеграција потрошила 193.936 евра, односно 132.175 евра повеќе од тоа што се слеало на изброната сметка. Вкупните приходи се во износ од 61.788 евра, од кои по основ на донации има 48.780 евра. И оваа партија најголем дел од парите потрошила за реклама и пропаганда. Вкупно со претходниот извештај изборната кампања на ДУИ чинела 502.180 евра. Сметката на СДСМ На интернет страната на Комисијата за спречување на корупција го нема финансискиот извештај Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, за последните денови од изброната кампања за парламентарните и претседателските избори. Од партијата велат дека тие го запазиле рокот. Ако се сумираат само претходните два извештаи, кампањата за кандидатот за претседател на СДСМ Стево Пендаровски чинела 100.026 евра. Најголем дел од парите се потрошени за реклами и пропаганди, изнајмување на простор и опрема и друго. За предвремените парламентарни избори според првиот извештај, СДСМ во првите десет дена од кампањата,  за изборните активности потрошила 130.537 евра, од кои најголем  дел за реклама и пропаганда 87.343 евра, а останатите за траснпортни услуги изнајмување на простор и опрема. На изборната сметка на СДСМ во првите десет дена од кампањата се слеале вкупно 130.959 евра. Како донатори во изборните сметки за претседателските и парламентарните избори, се јавија лица кандидати за пратенци, директори на претпријатија, физички лица, приватни фирми. Сметката на ДПА Партијата на Мендух Тачи ДПА, во вторите десет дена од кампањата за парламентарните избори потрошила 4.097 евра, а во партиската каса се слеале речиси 500 евра по основ на донации. Минусното салдо е во износ од 3.600 евра. Сумирано со првиот финансиски извештај ДПА за кампањата за парламентарните избори вкупно потрошила 6.217 евра. За кампањата за претседателските избори ДПА според финансиските извештаи вкупно потрошила 8.280 евра. Помалите политички партии со помалку приходи и расходи Помалите политички партии во последните денови од изборните кампањи собрале помалку, но и потрошиле помалку пари. Така ГРОМ на Стевчо Јакимовски потрошила 840 евра. За претседателската изборна кампања од сметката на ГРОМ се одлеале вкупно 8.130 евра. Коалицијата за позитивна Македонија во последните десет дена од изборната кампања за парламентарните избори потрошила околу 67 илјади евра, ВМРО НАРОДНА имала расходи во износ 11.845 евра. Според Законот за финансирање на партии, политичките партии беа обврзани во тек на избори да доставуваат финансиски извештаи за приходи и расходи до ДЗР, Државната изборна комисија и Државната Комисија за спречување на корупција на секои 15 дена. Ј.С
Слично

Поврзани вести