Која хотелиерска компанија ги награди клучните менаџери со 482.000 евра?
Нема прецизна информација за тоа колку менаџери ги уживале овие „краткорочни користи“, а нивниот број може да биде тројца (членовите на Управниот одбор), но може да биде и поголем од 30 лица. За жал годишниот извештај на „Македонијатурист“ тоа не го прецизира. Овие стимулации за клучните менаџери се исплатени во услови кога компанијата од оперативно работење имала загуба од 400.000 евра, покажува финансискиот извештај достапен на веб страницата на Македонската берза
Речиси половина милион евра издвои најголемата македонска хотелиерска компанија „Македонијатурист“ за трансакции со клучниот менаџерски персонал. Ова е официјален податок достапен во годишниот извештај за работењето во минатата година кој ќе биде дел од материјалите што ќе ги одобрат акционерите на „Македонијатурист“ на претстојното акционерско собрание.
Во завиена форма, без да се каже точно и прецизно, а сепак да се испочитуваат одредбите од Законот за трговски друштва „Македонијатурист“ објави дека својот клучен менаџерски персонал, без да наведе за кого и колкумина точно се работи, го наградила со 29,6 милиони денари односно 482.000 евра за работењето лани.
На 15 страница од Годишниот извештај е наведено дека издвоило 482.000 евраво бруто износ за кракторочни користи за вработените односно за трансакции со клучниот менаџерски персонал.
Останува дилемата дали сите овие пари во бруто износ се наменети за трочлениот управен одбор составен од долгогодишниот директор и најголем акционер Доне Таневски, неговата ќерка Мирјана Таневска Ефремова и долгогодишната директорка во компанијата и втора најголема акционерка Соња Бибановска или на листата има и други вработени лица на раководни односно менаџерски места.
Во овој дел на извештајот не станува збор за плати затоа што тие се дефинирани во друга ставка и за плати за сите вработени лани друштвото издвоило 80 милиони денари односно 1,3 милиони евра.
Краткорочни користи за вработените се збирна ставка која опфаќа материјална поддршка за мотивација на менаџерите за постигнување подобри резултати во работењето на компанијата.
Во принцип оваа хотелиерска компанија лани вработувала вкупно 41 лице со високообразовен стручен профил и ако тие сите биле дел од дефинираниот клучен менаџерски персонал тогаш оваа ставка за краткорочни користи би се распределила на сите нив. За жал годишниот извештај во тој дел е недоволно транспарентен и не формулира број на вработени – менаџери кои ги добиле краткорочните користи.
Овој износ за користи на менаџерите е исплатен во услови кога компанијата остварила загуба од оперативното работење во износ од 430.000 евра.
Р.Ф.