Која европска земја ќе биде најпогодена од американските царини?
Вашингтон почна да применува општа увозна царина од 10 oтсто, но би можел да ја зголеми на 15 отсто, а економистите предупредуваат дека Португалија би можела да доживее едно од поголемите реални зголемувања.
Португалија би можела да се соочи со едно од најголемите зголемувања на реалните американски тарифи за својот извоз ако Вашингтон конечно ја зголеми новата општа увозна давачка на 15 отсто, според проценките објавени од „Жорнал де Негосиос“, но неизвесноста околу конечната стапка ги вознемири извозниците, објавува „Еуроњуз“.
Соединетите Американски Држави(САД) почнаа да спроведуваат глобална увозна тарифа од 10 отсто на 24 февруари, откако претседателот Доналд Трамп изјави дека сака тарифата да биде поставена на 15 отсто. Промената дојде по пресудата на Врховниот суд на САД со која се поништи претходниот сеопфатен тарифен план на Трамп.
Неколку часа пред да стапи на сила мерката, американската царинска агенција испрати писмо до увозниците во кое се наведува дека „сите земји ќе бидат наплатени со царина од 10 отсто во период од 150 дена, освен ако не се изречно ослободени“.
Извори од американската федерална влада, цитирани од американските медиуми, изјавија дека Трамп сè уште има намера да воведе царина од 15 отсто според Член 122 од Законот за трговија од 1974 година, но сè уште не е одреден датум за формална претседателска одлука за одобрување на зголемувањето.
Доколку стапката се зголеми на 15 отсто, „Жорнал де Негосиос“ објавува дека Португалија би била меѓу земјите од ЕУ што ќе забележат најголем пораст на царинските трошоци, повикувајќи се на проценките на белгискиот економист Ерик Дор од француското бизнис училиште IÉSEG.
foto printskrin
