Која е тајната на успехот на „Стопанска банка Битола“?
Голем продор во кредитирањето и значајно зголемување на депозитната база во комбинација со преполовување на резервациите се главните фактори за тектонската промена во која банката книжи добивка по три години во кои полугодијата ги завршуваше со загуба од работењето.
Раст на приходи од камати,големо кратење на резервациите, значаен раст на кредитирањето и зголемувањето на пазарното учество, голем раст на нивото на депозитите на други коминтенти се клучните фактори заради кои добивката пред оданочување на „Стопанска банка Битола“ надмина 38,6 милиони денари (над 600.000 евра). Ова се клучните подобрувања во билансите за првите седум месеци годинава на „Стопанска банка Битола“. Во споредба со лани оваа банка има фантастичен резултат. Лани во првото полугодие оваа банка имаше загуба во работењето од 14,3 милиони денари. Податоците се реална основа во која треба да се бара растот на пазарната цена на таа акција на берзата која во последниве два месеци порасна речиси двојно.
Добивката ја креираа раст на нето приход од камати и пониски резервации
Од податоците на банката дадени во билансот на успех може да се заклучи дека позитивниот резултат на банката е комбинација од зголемено пазарно учество на банката што се гледа преку раст на нивото на кредити и зголемување на приходи од камати и од друга страна подобрување на квалитет на кредитното портфолио што се гледа преку нивото на резервации кои се издвоени за пласмани на банката. Нето приходите од камати на банката за првите седум месеци изнесуваат 175,87 милиони денари и во споредба со лани се повисоки за 4,3 милиони денари. Вкупните приходи од камати изнесуваат 265,9 милиони денари и во споредба со лани се поголеми за 18,4 милиони денари. Паралелно со нив растат и расходите за камати на банката достигнуваат 90 милиони денари и повисоки се за 14 милиони денари во однос на 2016 година. Значајна разлика има кај резервациите каде што износот е преполовен во споредба со лани. На крајот на јули тие изнесуваат 13,7 милиони денари и бележи намалување во споредба со лани за 15,8 милиони денари.
Кредитирањето порасна за 400 милиони денари односно 6 отсто
Податоците покажуваат дека во првите седум месеци годинава вкупното ниво на кредитирање (на други коминтенти) пораснало за 400 милиони денари до 6,5 милијарди денари. Истовремено со растот на кредити расте и депозитната база на други коминтенти која достигнува ниво од 8,23 милијарди денари што е раст за речиси 9 милиони евра односно 530 милиони денари во споредба со лани.
Р.Ф.
