Економија, финансии, бизнис

Контакт

Која е разликата во платата која ќе ве натера да ја напуштите компанијата и да отидете во друга?

Која е разликата во платата која ќе ве натера да ја напуштите компанијата и да отидете во друга?

Некои од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека за плата повисока за 100 евра би заминале да работат во друга компанија, а дел објаснуваат дека 20 отсто повисока плата од таа што ја примаат би била мотив да направат трансфер. 

Граѓаните велат дека секој си бара подобро работно место со повисока плата. Велат дека важно им е да ја работат истата работа, да имаат добра работна атмосфера, но да заработуваат повеќе. 

„Тоа е многу тешко прашање. За жал кај нас луѓето одат да работат за иста плата на друго место, затоа што бегаат од лоша работна средина. Би отишла на друго работно место за 100 евра повисока плата. Ако мене ми е добро на постоечкото работно место, ако ми одговара, за помалку од 100 евра не би заминала, не би менувала ништо. Од добра работна средина би си заминала само поради висока плата, на пример 1.000 евра. Зависи кој зошто сака да го смени работното место“, раскажува младата Мирјана Божиновска. 

Важен фактор е и во кој стадиум од кариерата е човекот кој сака да смени работно место. 

„Зависи какво е работното место, зависи од целокупната ситуација. Ако се работи за подобра работа, подобра средина, би сменила и за минимално повисока сума“, рече девојка која штотуку завршиле средно образование. 

Друга млада девојка вели дека би направила трансфер од една во друга фирма за 20 отсто повисока плата. 

„Сакам да се почувствува таа разлика и да знам дека сум сменила работа, дека имам подобри услови. Помалку пари би прифатила само ако знам дека ќе имам помалку работа на новото работно место“, кажа Мелани С. 

Повозрасна жена објаснува дека има работни места каде нудат минималец, но има и позиции каде плаќаат скоро двојно повеќе. 

„Ако една продавачка во маркет зема 28.000 денари плата на пример, има компании каде даваат плати од 45.000 денари. Нема лесна или тешка работа, секоја работа си има своја тежина. Да сум помлада, сега би отишла да работам во странска фирма, за повисока плата, под услов да имам исто работно време“, изјави Радица Тодоровска, граѓанка. 

Работниците треба да ги следат платите во секторот каде работат и да имаат предвид дека пазарот на труд се менува од ден на ден. 

„Во кариерното советување, не е секогаш фактор само платата, туку и климата. Тоа се викаат работни вредности. Кај некого преовладуваат парите, кај други слободното време, кај трети одговорноста што ја имаат на работното место. Има и работници кои прифаќаат и работни места каде одговорноста е помала. Бираат каде ќе работат, дали ќе имаат комуникација со луѓе, некои строго не сакаат да работат во фабрика. Колкава плата ќе очекуваат зависи од нивните работни вредности“, вели Ана Топенчарова-Коваческа, сертифицирана кариерна советничка. 

Таа додава дека пазарот на труд е динамичен и професии кои претходно беа многу ценети и добро платени, сега се соочуваат со презаситеност и фактот дека ќе заработуваат помалку. Според статистиката, секоја година илјадници работници во Македонија иако се вработени, си бараат нова работа. Бараат повисока плата, подобри услови и работно место кое им е поблиску до дома. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести