Економија, финансии, бизнис

Контакт

Која државна фирма на ЕСМ ќе му плаќа фиксно 200 евра за потрошен мегават струја?

Која државна фирма на ЕСМ ќе му плаќа фиксно 200 евра за потрошен мегават струја?

МЕПСО на тендер, втор пат по ред, си избра ист снабдувач на струја! Тоа ќе биде фирмата-ќерка за продажба на поголемиот државен брат ЕСМ – државната компанија за производство на струја. МЕПСО за оваа услуга за пола година ќе си плати еден милион евра. Оваа струја по 200 евра мегават час ќе ја платиме пак сите ние – крајните потрошувачи, само индиректно. Затоа што МЕПСО е природен монопол во државна сопственост и неговите приходи ги утврдува државата преку РКЕ врз основа на трошоците за неговото работење. МЕПСО си има сопствен модел на плаќање, не ја „ферма“ берзанската цена на унгарската берза ХУПЕКС туку бара фиксна цена за потрошен мегават час. 

„Брат брата не храни, но тешко му кој го нема“, е народната мудрост врежана во нашата колективна меморија, која асоцира на солидарност и хуманост од најближниот во случаи кога маката и товарот се огромни и тешко подносливи.

Еве дочекавме и тоа - помалиот брат МЕПСО втор пат по ред ќе купи струја од ЕСМ и тоа по цена од 200 евра за потрошен мегават час. За да разјасниме, таа струја е за период од почетокот на овој месец, па до крајот на оваа година. Вредноста на струјата е еден милион евра со ДДВ. Струјата е наменета за сопствената потрошувачка на МЕПСО за шест месеци, и тука се вклучени дирекцијата на компанијата во центарот на Скопје и помалку од 20 трафостаници ширум Македонија со кои управува државниот оператор на електроенергетскиот систем.

Во договорот пишува дека цената на еден киловат час без ДДВ е 12 денари. Тоа значи дека цената на еден мегаватчас е 12.000 денари односно 200 евра без ДДВ. Во оваа цена не се вклучени трошоците за операторите на преносниот систем, на дистрибутивниот систем и на операторот на пазар на електрична енергија, сите три давачки кои ги регулира државната Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ).

Вкупната прогнозирана количина во оваа набавка изнесува 3.173 мегаватчасови за овие шест месеци. Но договорот наведува дека МЕПСО не е обврзан да ја потроши целата количина која е прогнозирана во оваа набавка.

Ова е седми тендер што го добива ЕСМ Продажба за набавка на електрична енергија по пазарна цена од почетокот на оваа година до сега. Клиенти се државни органи, општини, јавни установи или државни претпријатија. Најголем клиент е Министерството за внатрешни работи чиј тендер е вреден 1,9 милиони евра и е склучен на крајот на април годинава. На крајот на мај и Општина Центар за свој набавувач ја избра фирмата ќерка на ЕСМ за вредност од 869.000 евра. ЕСМ, фирмата мајка, мора да продава по цена од 41 евро за мегаватчас, но фирмата ќерка ЕСМ Продажба може да наплати и 200 евра за истата количина. Таков е системот!

МЕПСО веќе ги користеше услугите на ЕСМ Продажба за покривање на сопствените потреби за струја во април и мај годинава. Плати исто како и во новиот тендер 200 евра за мегаватчас. 

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести