Која домашна банка е на продажба: НБМ дава амин за спојување
Кои мали домашни банки се во преговори за продажба? Во јавноста се погласно се зборува дека менаџментот на швајцарската Силк роуд води сериозни разговори за продажба на капиталот. За тоа знаат и вработените, а според извори на Фактор имало и заинтересирани купувачи. Сепак, со оглед на тоа што зделката не е официјализирана, за операцијата не потврдуваат ниту од банката, ниту пак од Народната банка (НБМ). Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), минатата недела во извештајот за Македонија потенцираше дека е потребна консолидација на македонскиот банкарски сектор со тврдење дека пазарот е премал, а има многу банки. Идно спојување поддржува и централната банка. Оттаму за Фактор велат дека тоа особено ќе им одговара на малите банки.
Дали Силк роуд ќе добие нов газда најверојатно ќе се знае наскоро. Оттаму за Фактор велат дека засега банката не е на продажба.

„Банките кои се добро управувани секогаш се привлечни за потенцијални купувачи. Во таа насока, ние не сме во фаза на продажба. Банкарскиот сектор останува доста зависен од економските резултати и ако на економијата и оди добро, добро ќе им оди и на банките, велат оттаму.
Од Народната банка велат дека досега не е издале дозвола за продажба.
„До моментов, до НБРМ не е пристигнато барање за издавање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во „Силк Роуд Банка“ АД Скопје, односно за стекнување акции чиј збирен номинален износ изнесува или надминува 5 проценти од вкупниот број акции во банката, велат од НБРМ за Фактор.
Оттаму сепак тврдат дека како централна банка поддржуваат консолидација на банкарскиот систем, преку окрупнување по пат на спојување или припојувања на банките во системот.
„Процесот на консолидација е особено добредојден за помалите банки, коишто во услови на силна конкуренција имаат ограничен капацитет да создаваат доволно високи и стабилни приходи, кои би им обезбедиле континуиран позитивен финансиски резултат и долгорочна перспектива за функционирање. Окрупнувањето ќе значи и ефективно натамошно зголемување на конкуренцијата, што би требало да доведе до проширување на лепезата на производи кои ги нудат банките, а под конкуретни услови“, велат од Народната банка.
Тврдат дека консолидацијата може да биде во поддршка со Европската банка за обнова и развој, особено во доменот на зајакнување на акционерските структури и корпоративното управување во банките.
ЕБРД минатата недела беше децидна дека банките треба да се окрупнуваат. Од Силк роуд банка се малку подиректни кон ова тврдење, со оглед на тоа што ЕБРД е акционер во некои македонски банки..
„Неодамнешниот повик на ЕБРД за консолидација на банките не е нов. Тие се инвеститори во македонскиот банкарски сектор од 2001 година во Стопанска банка Скопје, Комерцијална банка, ТТК Банка, ИК Банка... Тие имале доста време и ресурси да го направат тоа, велат од Силк роуд банка.
Инаку Силк роуд банка е во стопроцентна швајцарска сопственост. Во мај 2016 година швајцарскиот фонд Силк роуд Капитал ја купи грчката Алфа банка за 1,2 милиони евра. Подоцна банката беше и ребрендирана.
А.Т.