Економија, финансии, бизнис

Контакт

Која банка направи профит од 37,5 милиони евра?

Која банка направи профит од 37,5 милиони евра?

Добивката од 37,5 милиони евра е печат на најуспешната година за „Комерцијална банка“ остварена во пост-корона годината. Тајната на историскиот успех на „Комерцијална банка“ е во микс на следниве параметри: задржа исто ниво на нето приходи од камати во комбинација со голем раст на приходи од провизии и надоместоци и кастрење на  резервациите за ризични пласмани

Најголемата домашно поседувана деловна банка ја имаше најуспешната година во својата корпоративна историја. „Комерцијална банка“ 2021 година ја заврши со добивка од 37,5 милиони евра што е за 21 отсто поголем профит од претходната година. Колку била успешна годината за оваа банка ќе поедноставиме со ставање во контекст на следниве параметри: 42% од вкупниот приход останал како нето добивка за “Комерцијална банка“.

Овој резултат покажува дека акционерите можат да посакаат менаџмент каков што има „Комерцијална банка“. Историски највисоката добивка се реализира преку комбинација на повеќе параметри и опмитимизација на пазарната позиција на најголемата деловна банка според активата – која лани изнесува 2,4 милијарди евра и е за 12 отсто повисока од претходната година.

Еве ја добитната комбинација!

Најголемата приходна ставка не само што е на ниво од претходната година туку во услови на ниски камати оствари и раст од 1,5 отсто. Вкупно нето од камати „Комерцијална банка“ оствари приходи од 39,9 милиони евра. Засилувањето дојде, очекувано, од нето приходите од провизии и надоместоци со кои речиси сите банки ја компензираат „статус кво“ положбата од каматите. Лани од провизии и надоместоци на нето ниво банката има приход од 16,2 милиони евра. Тоа е за 11,5 отсто повеќе од претходната година. Најголем позитивен раст кој е значаен за истакнување, иако е мала ставка во билансот, бележат приходите од курсни разлики од кои банката инкасира 3,2 милиони евра или 20 отсто повеќе од 2020 година. И клучниот додаток за добитната комбинација: намалување на трошокот за резервации за кредити за 32 отсто во споредба со 2020 година. Лани резервациите изнесувале 15,2 милиони евра.

Сплетот на овие фактори го носи историскиот резултат нето добивка од 37,5 милиони евра.

Во овој период банката во кредити пласирала 42 милиони евра или 5 отсто повеќе од пласираното на крајот на 2020 година. Вкупната кредитна позиција на банката (со исклучок на кредити на банки) изнесува 870,5 милиони евра. Некаде на половина од нив се вложувањата во државни хартии од вредност кои се зголемени во однос на претходната година за 11 отсто.

Во депозити банката на крај на 2021 година чува 12 отсто повеќе од 2020 година. Нивото на депозити изнесува 2,12 милијарди евра.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести