Која банка ги зголеми приходите од камати за 15 отсто
УНИ Банка бележи солидни растови на приходите од камати, нето приходите од камати и на приходите од провизии и надоместоци. Сепак добивката на полугодие е пониска од профитот во истиот период лани заради зголеменото ниво на резервации и големиот раст на трошоците за вработените. Кредитните пласмани пораснале за 7 отсто односно за 15,4 милиони евра за шест месеци
УНИ Банка за првите шест месеци годинава книжи 8,38 милиони евра приходи од камати што во спредба со истиот период лани е зголемување за 15 отсто односн 1,12 милиони евра, што е извонреден резултат во услови кога генерално на банкарскиот пазар држи трендот на намалување на каматните стапки. На ниво на нето камати состојбата со растот е различна и растот е понизок заради зголемените расходи на камати. Така, за првите шест месеци нето приходите од камати пораснале за 6,5 отсто, а нето приходот од камати е 6,18 милиони евра и растот во апсолутна вредност изнесува 385.000 евра.
Втората приходна ставка : нето приходите надоместоците и провизиите на банката за овој период и носат 1,32 милиони евра и тие се повисоки за 70.000 евра во споредба со истиот период лани. Останатите приходи на банката изнесуваат 233.000 евра и тие се за нијанса пониски во споредба со првите шест месеци лани.
Добивката на банката годинава е за 18 отсто пониска од лани и покрај растот на двете најважни приходни ставки. Причина за тоа се зголемените трошоци за резервации и значајниот раст на трошоците за вработените. Нето добивката на банката за првата половина годинава е 1,7 милиони евра и е пониска за безмалку 400.000 евра во однос на истиот период лани. Резервациите имаат значаен раст и годинава достигнале 1,3 милиони евра и во споредба со лани се поголеми за 568.000 евра. Кај ставката трошоци за вработените евидентен е пораст на трошоците за високи 32 отсто. Имено за првата половина од годинава за вработените банката исплатила 2,79 милиони евра.
Од билансот на успех видлив е значаен раст на кредитирањето, логично проследен со раст на депозитната база. Имено, за првите шест месеци нивото на кредитирање достигна 243,7 милиони евра и тоа е за 7 отсто или 15,44 милиони евра повеќе од крајот на минатата година. Депозитната база на крајот на јуни изнесува 279 милиони евра и е за 9,3 милиони евра поголема од крајот на 2018 година. Вложувањата во хартии од вредност (пред се државни хартии од вредност н.з.) се на исто ниво како и на крајот на 2018 година.
