Која банка ги развесели акционерите?
Раст на нето приходот од камати за половина милион евра во однос на истиот период лани и тоа во услови кога кредитното портфолио е намалено за еден отсто до ниво од 828,57 милиони евра. Банката за 90 дена направи нето добивка по акција во износ од 411 денари
Значаен раст на нето приходите од камати и добивка од 6,7 милиони евра, се клучните параметри од кварталниот извештај на НЛБ Банка за периодот јануари – март годинава. Банката деновиве ги израдува своите акционери, домашни физички лица со солидна дивиденда од 1.500 денари нето по акција која ќе биде исплатена наскоро. Сега истата акција за првите три месеци на своите сопственици им носи добивка од 411 денари за акција.
За разлика од големиот конкурент „Комерцијална банка“, НЛБ Банка има солиден раст на нето приходите од камати, тие изнесуваат 12,12 милиони евра за три месеци и се за речиси половина милион евра поголеми од истиот период лани. Од втората по значење приходна ставка, провизиите и надоместоците, банката има нето приходи од 4,28 милиони евра и тоа е за нијанса послабо во споредба со истиот период лани. Од останатите приходи банката има помалку од 365.000 евра, а за резервации на кредитни пласмани чува 2,13 милиони евра. Најзначајна расходна ставка се трошоците за вработените кои за три месеци изнесуваат 3,43 милиони евра и се за 166.000 евра повисоки од претходната година во истиот период.
Нето приходите од камати во првиот квартал банката ги остварила со помало кредитно портфолио затоа што кредититните пласмани на крај на март се 828,57 милиони евра и тие се за 8,2 милиони евра односно за 1 отсто помали во споредба со состојбата на крајот на 2018 година. Во однос на вложувањата во хартии од вредност и НЛБ Банка е со иста тенденција како и конкурентот „Комерцијална банка“. Пласманите во хартии од вредност на крај на март се на ниво од 158,77 милиони евра и тие се за 29,3 милиони евра повисоки од состојбата на вложувања во хартии од вредност (н.з. државни хартии од вредност) на крајот на 2018 година.
Депозитната база на крајот на март годинава е за 19,9 милиони евра помала од базата на крајот на декември лани. Сега изнесува 1,059 милијарди евра.
Р.Ф.
foto: Money Saving Apps
