Кој зема плата од 93 илјади денари месечно за 4 состаноци во годината?
Петте члена на Комисијата во Агенцијата за електронски комуникации на Македонија земаат месечен надоместок од 93 илјади денари, а имаат обврска да одржат само четири состаноци годишно - изнесе опозицијата во денешната расправа по законските измени кои се однесуваат на работата на ова тело.
„Недозволиво е човек што е вработен на друго место и кој си добива поприлична надокнада и да зема 93 илјади денари месечно што е повеќе од платата на премиерот, од претседателот на државата и од претседателот на Собранието. Со 4 состаноци годишно не може да се контролира она што се случува“, рече пратеникот Јани Макрадули од СДСМ.
Опозицијата со неколку амандмани побара поинаков концепт на законот односно на Агенцијата. Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски одговори на забелешките за стручноста и начинот на селекција на членовите на ова тело.
„Во овој закон првпат се воведуваат и дополнителни критериуми кои ќе се бараат од членовите на комисијата, како познавање странски јазици и компјутерски вештини и поседување дополнителни сертификати. Истото ќе се воведе и за директорот на АЕК“, појасни Ивановски.
Слично
