Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој „ВРЕДИ“ ќе остане министер, а кој не - ќе го реконструира Мицкоски

Кој „ВРЕДИ“ ќе остане министер, а кој не - ќе го реконструира Мицкоски

Дали најавената реконструкција на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски е обид да се освежи функционерскиот тим за исполнување на ветената агенда или пак за проветрување на кадрите по очекуваните промени кај коалициските партнери, пред се ВРЕДИ (Vlen), но и двете министерски позиции кои ги држи ЗНАМ, со можни рокади, па дури и одлучни резови.

Албанскиот политички блок во Македонија е најшарен и најкомплициран, повеќе од било кога досега, и тоа му остава една поудобна позиција на Мицкоски како премиер кој треба да го состави владиниот ребус. Коалицијата ВРЕДИ и натаму не е регистрирана како единствена политичка партија и продолжува да функционира како групација на повеќе партии и личности.

Вредноста на ВРЕДИ како „раштиман оркестар“ без јасен увид во бројот на пратеници во владејачкото мнозинство во Собранието е сосема различна отколку на една „подмачкана машина“ со јасни политички позиции ако се регистрира како унифицирана партија.

Вредеше ли гамбитот на Меџити во Чаир?

Изет Меџити во обид да го устоличи проектот ВРЕДИ и да му ја сочува вистинската политичка вредност истрча на ланските избори во општина Чаир. Како еден од најголемите победници на тие избори, за што се повлече и од позицијата прв вицепремиер, очекувано е да ја добие и лидерската позиција во ВРЕДИ како унифицирана партија.

Меџити треба да биде главниот кадровик кој ќе ги достави имињата за министри од ВРЕДИ до премиерот Мицкоски во најавената реконструкција, но можеби тоа нема да биде докрај изведено без пречки.

Дали искрите со Касами се доволни за расипување на владината калимера?

Во коалицијата ВРЕДИ втората по тежина политичка партија ја носи Биљал Касами, градоначалникот кој удобно владее во Тетово и кој и натаму е претседател на БЕСА, иако и од таа партија произлегоа повеќе фракции и нови политички субјекти, дел коалицираа со Али Ахмети во Европскиот фронт и потоа коалицијата Национална алијанса за интеграција, а дел се приклучија на ВРЕДИ.

За Касами се шпекулира дека ќе биде ко-претседател со Меџити што повторно создава простор за нејасност околу тоа кој е вистинскиот лидер на ВРЕДИ и кој ќе го има последниот збор во партиципирањето во владината коалиција.

Мицкоски во неколку наврати имаше вербални искри со Касами, особено околу неколку настани во Тетово каде беше оспорувана и министерката за образование Весна Јаневска, но се чини дека тоа засега не е доволно за растурање на коалицијата и соработката во Владата.

Реконструкцијата може да го опфати и Фатмир Лимани, министерот за труд и социјална политика кој важеше за еден од најблиските соработници на премиерот Христијан Мицкоски, но и еден од главните опозициски играчи кој на локално ниво во Кичево му се спротивстави на Али Ахмети со кој дури се и во роднински односи.

Лимани доби „кец“ од партискиот лидер Биљал Касами и заедно со Ахмети, Таравари и други политичари се појавија на ифтарската вечера која ја организираше Еди Рама премиерот на Албанија, што многумина го протолкуваа како порака дека ќе излезе од БЕСА и ВРЕДИ и можеби ќе се приклучи кон АКИ.

Имаат ли моќ „третото“ крило на Алијанса и технократските министри?

Иако немаат шанси за лидерското место, во идното претседателство или највисокото раководно тело на ВРЕДИ, битни позиции треба да зафатат Алтернатива на Африм Гаши која сега ја предводи Беким Сали додека неговиот сопартиец е собраниски спикер, како и третото крило на Алијанса за Албанците неформално предводено од вицепремиерот Арбен Фетаи.

Субјектот кој се води како „Нова Алијанса“ има одобрение да се претопи во новите партиски структури на ВРЕДИ како единствена партија, но неизвесно е дали таму ќе се приклучи технократот Азир Алиу кој беше министер за информатичко општество и администрација, а сега го води секторот здравство, (инаку некогашен соработник на Арбен Таравари) како и неколку пратеници кои се доведени во прашање дали ќе продолжат по овој пат на унификација на ВРЕДИ или сакаат да останат во посебни партиски субјекти.

Тимот што победува (не) се менува

ДПА и Алијансата на Зијадин Села иако го напуштија фронтот на Ахмети за да делуваат опозициски и да си го вратат својот идентитет како противници на ДУИ се шпекулира дека може да влезат во Владата на Мицкоски и на тој начин да пополнат дел од незадоволните кадри кои би го напуштиле проектот ВРЕДИ, но премиерот засега порача дека партискиот состав на владината коалиција нема да се менува.

ЗНАМ исто така е на некаков крстопат, се соочува со внатрешни нестабилности и неколку кадри му се спротивставија на лидерот Максим Димитриевски. Тој иако победи на изборите во општина Куманово покажа дека сепак е ранлив и дека проектот ЗНАМ може брзо да биде поразен.

Исто така кадри на ВМРО-ДПМНЕ често влегуваа во вербални конфликти со министрите на ЗНАМ, особено со министерот за правда Игор Филков. За него има шпекулации дека ќе биде заменет со ново решение, а некои пак лиферуваат дека овој ресор целосно ќе и биде одземен на партијата на Димитриевски и со нов министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да се покаже „поревносна“ битка за правосудните реформи.

ЗНАМ како помал коалициски партнер има „криза на идентитетот“, што се виде и со неодамнешните настапи на пратеникот Миле Цеков и ќе се обиде да се валоризира, но засега на Мицкоски не му одговара целосно да ја „амортизира“.

Што се однесува на помоќните министерства засега нема конкретни информации дека премиерот Мицкоски ќе се реши да смени некого од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и ако веќе тоа се случи, резот ќе падне на помалку експонираните ресори.

Граѓаните очекуваат резултати, но дали ќе добијат само „козметика“?

Овие партиски пресметки се интересни за анализа, но тоа што треба повеќе да им биде важно на граѓаните и на гласачите се резултатите и успесите или неуспесите на Владата.

Засега, претежно се говори за персонални решенија отколку за вистинска интроспекција на власта која, и по речиси две години на апсолутна власт и опозиција во нокдаун, не успева целосно да влезе во костец со најочекуваните реформи.

Власта покажува одреден функционален минимум и преку поединечни проекти на неколку министри одржува слика на успешност, па дури и на „генијалност“ ако истото се стави во контекст на споредба со претходната влада која беше катастрофално оценета и масовно казнета на изборите во 2024 година. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести