Кој води бизнис без компјутер и интернет?
Компјутер, лаптоп или мобилен телефон може да се видат во секоја канцеларија, дуќанче или работилница. Тие се неопходни за успешно работење, а без стабилен и брз интернет е речиси невозможно да се води добар бизнис.
Дека информатичките технологии многу го олеснуваат и го подобруваат бизнисот им е јасно на огромен дел од македонските стопанственици, но сепак се уште има фирми во земјава кои работат само со молив и хартија.
Според податоците од Државниот завод за статистика за јануари 2017 година, без компјутер работеле во 4,8 отсто од околу 3.111 активни фирми со повеќе од десет вработени, а интернет немале во 7,6 отсто од нив. Овие проценти се секако поголеми во фирмите со помалку од десет вработени, кои и го сочинуваат најголемиот дел од македонската економија, односно нивниот број е околу 56.000 од вкупно 71.000 активни деловни субјекти.
Статистичките податоци покажуваат дека македонските фирми се уште многу малку ја користат е-трговијата, односно процентот на веб- продажбата во споредба со вкупната продажба изнесува 1,7 отсто. Така само 10,3 отсто од вкупниот број деловни субјекти со 10 или повеќе вработени купувале или продавале стоки или услуги преку компјутерски мрежи.
И во овој случај поактивна улога во електронската трговија имаат поголемите фирми, со повеќе од 250 вработени, па дури една петтина од нив (19,4 отсто) своите производи и услуги ги продаваат на интернет- пазарот.
