Кој стои зад Алфа Инжинеринг? Александар Ристов со своја приказна за раст на компанијата
Алфа Инжинеринг е една од 200 најуспешни компании во државата, а сепак малку се знае за дејноста на компанијата и какво значење има. Ја основал кога бил млад, а постојаниот раст ја довел до успех кој води и кон нови пазари, одличен развој. Сопственикот Александар Ристов вели дека наспроти сите обиди и убедувања да ја пресели компанијата и ветувања со тоа дека ќе има поголема корист, останал во Радовиш и максимално се насочи преку автоматизација, нови технологии и дигитализација да отвори можности за работа. Но како почнала приказната?
Ристов: Компанијата е основана и изградена врз две убедувања што ги имав како млад, едно дека иднината на развојот е во новите, дигитални технологии и второ дека енергетиката отвора многу можности за развој. Така, комбинирајќи ги сопствените инженерски знаења и вештини, заедно со претходното работно искуството во локалното водостопанство, и новите современи технологии, ја создадов Алфа Инжинеринг како компанија што може да се развива и врз иновативност да создава многу општо корисни и потребни решенија. Во почетокот фокусот ни беше на примарната дејност, високотехнолошки системи, со примена на нови технологии, машински инженеринг, автоматизација, системи за управување со водоснабдување. Така со години создававме корисни и функционални инженерски решенија, немаше проблем што не можевме да го решиме, затоа што во основата на инженерската наука е изнаоѓање соодветно решение. Таков е начинот на размислување на сите инженери. Потоа навлеговме во сегментот управување со вода, така што развивме и имплементиравме целосно управување и спроведување на водата, од извор до краен потрошувач, проектирање и поставување инсталации за разни потреби, индустриски, земјоделски и урбани, проекти како инсталација за наводнување на цела Вардарска долина и уште многу други, далеку покомплексни проекти како прочистителни станици, отпадни води и слично. Понатаму, откако навлеговме и во енергетиката и обновливите извори, со трафостаници, далноводи до мали хидроцентрали, а со поставувањето на првите фотоволтаици на нашите простории, станавме пионери во државата во оваа област, мојот немирен дух ме однесе и до градежништвото со градење на станбен простор. Алфа Инжинеринг како стопански субјект е конципирана да понуди иновативни и технолошко современи решенија, и ваквиот концепт ни отвори поле за работи во повеќе области каде што нашите услуги се потребни и применливи. Истото тоа нè прави одржливи и нè рангира меѓу најуспешните, но најважно од сè отвора можности за работа и уште поголем развој, а токму тоа ни се следните планови.
Во склоп на компанијата со текот на годините ги проширувате дејностите во неколку различни сектори. Врз основа на што се дефинирани дејностите на компанијата?
Ристов: Кога бев млад, тукушто дипломиран инженер, беше време на промени. Тоа беше прагот кога го напуштавме стариот систем, начин на живот и работа и одново ги редефиниравме своите приоритети. Заедно со неколку мои другари, истомисленици и колеги од факултет седевме и разговаравме да создадеме “Клуб на иновации” место каде ќе се развиваат иновативни и општествено корисни идеи, кога во тој момент по улицата поминаа глупа луѓе со транспарентни и знамиња пропагирајќи ја својата идеологија. Во тој момент ми стана сосема јасно дека сум човек за практични и корисни решенија. Дека мојата идеологија е да понудам решение на проблем што ќе значи некому, што ќе донесе подобрување за животот на многумина. Па така целата моја преокупација и дејностите на работа на Алфа Инжинеринг се засновани на тоа што е потребно за граѓаните, за народот, тоа што им значи и им користи, иако не е поставено на трпезата пред нивните очи, но секако било клучно за на таа трпеза да има по нешто за секого. Вода, енергија, обновливи извори, компанија што значи сигурен и обезбеден живот, каде секој може да најде иднина за себе и своето семејство во родниот град и држава.

Колку и што со работењето на компанијата имате придонесено за градот?
Ристов: Знаењето е најголемата вредност што може некој да ја поседува, но уште поголемо значење добива кога ќе го споделите, кога несебично ќе го пренесете и ќе го имплементирате во корисно добро, во нешто што ги засега животите на луѓето. Покрај сите оние проекти за градот и околината, работи за кои граѓаните не се свесни колкаво влијание имаат врз нивниот живот, верувам дека Алфа Инжинеринг направи нешто многу повеќе. Како што, наспроти сите обиди и убедувања да ја преселам компанијата и ветувања со тоа дека ќе имам поголема корист, јас останав во Радовиш и максимално се насочив преку автоматизација, нови технологии и дигитализација да отворам можности за работа, верувам дека во овие дваесет години наназад истото го предизвика и за многу други млади луѓе кои работеле и се уште работат за нас. Верувам дека со обезбедување работа, извор на финансии и перспектива, сме влијаеле за доста луѓе да се свртат со лицето кон Радовиш и тука да ја гледаат својата иднина.
Радовиш е град со приближно 15 илјади жители но со рапидно намалување на бројот на жители како резултат на иселување. Што е потребно за град како Радовиш?
Ристов: Причина за да останат во градот и извор на можности за достоинствен живот. Некогаш во Радовиш имавме активна индустрија, имаше динамичен и исполнет живот, а сето тоа започнува од ресурсите на градот, економски, социјални и општествено-културни. Кога ќе се вратат сите овие можности, кога капацитетите ќе добијат име и симбол, наспроти сегашните руини, ќе започне подемот на градот. Сето тоа е возможно, сите индустрии што некогаш биле активни тука, може повторно да се активираат и да се вкомпонираат со современата технологија. Тоа е потребно за Радовиш, живот, работа, култура, социјален живот. Јас ја имам таа визија за градот и истата е заснована врз конкретни чекори.

Каде ја гледате иднината на стопанството во Македонија?
Ристов: Треба да создадеме и да ги поттикнуваме одржливите бизниси и стопанскиот развој, на мали, средни и големи компании. Итно е потребно бизнисот да се апстрахира од политиката и да се оддалечи од политичко-партиското влијание. Тоа е единствен пат по кој треба да се движиме. Алфа Инжинеринг е пример за тоа дека компанија може да биде успешна и да работи со профит во континуитет од 20 години дури и во мала, локална средина како што е Радовиш. Промена во начинот на размислување и начинот на работа може да нè одведе на ниво што сега го нарекуваме Запад и Европа. Сè е до нас и тоа што ние сакаме да бидеме, а може, имаме капацитет, имаме и желба ни недостига само волја.
Со богато искуство, успешна компанија под свое водство, хотел со перспектива за развој на уникатен локален туризам, дали и што би смениле во одлуките од минатото?
Ристов: Во однос на моите бизнис одлуки ништо не би менувал, Алфа Инжинеринг има функција и улога во Радовиш и тоа е нашата база од каде ќе продолжиме да работиме и со својата иновативност да создаваме корисни и потребни производи и услуги. Верувам дека врз инженерството и како знаење и како вештина, се потпираат многу нешта од општественото добро и верувам дека тој е делот каде што преку компанијата и вработените, низ годините наназад преку стотици проекти и извршени услуги, сме создале производ и вредност што го менува квалитетот на животот, што е во функција на граѓаните и на заедницата. Тоа ме прави горд но исто така и ме мотивира за понатаму. И од тоа се раѓаат сите други идеи што ги имам за градот, визија како да се развива, како да ги задржиме младите тука во Радовиш, но визија базирана врз реална проценка и конкретни остварливи проекти. Единствено би го менувал тоа што порано, кога ја основав компанијата не се посветив повеќе на општествените вредности. Со активно учество во општествениот живот во градов, верувам дека денеска сликата на Радовиш ќе беше многу поразлична. Но, важни се делата а не зборовите, затоа сега започнуваме со дела.
