Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој сее молчење – жнее толчење

Кој сее молчење – жнее толчење

Денес во Давос започнува Светскиот економски форум. Под мотото „Во духот на дијалогот“, Се очекуваат шеесетина шефови на држави и влади. И традиционално стотици водечки бизнисмени. Овој пат во преден план ќе биде геополитиката. Главна ѕвезда, ако дојде, како што е најавено, ќе биде американскиот претседател, Доналд Трамп.

Во најавите изминативе денови се очекуваше централна тема да биде војната во Украина. Но расипувачот на забави, Трамп, се потруди таа да биде Гренланд. Советниците за национална безбедност од Западот денес требаше да имаат средба за Украина, но плановите се променија и сега најнапред ќе се посвети време на Гренланд. Во светлината на желбите на Трамп кон таа данска автономија, испраќањето на симболичен број европски војници таму, но и одговорот на Трамп- воведување на царини кон земјите што испратија војници. Па така, прашање е дали сојузниците на Киев ќе имаат можност да го притиснат американскиот претседател да даде поддршка за гаранциите за безбедност на Украина.

Европа ќе биде во расчекор. Кој и е приоритетот во моментов, Гренланд, ЕУ, НАТО и Данска или Украина? Таа се доведе во ваква ситуација по молчаливиот однос кон Трамп и неговата политика. Молчеа на политиката на укинување на меѓународното право од негова страна и водењето своја политика, според некои негови правила. Му се тресеа на средбите со него. Тој уште по инаугурацијата изјавуваше за заземање на Канада, на Панамскиот кана, на Мексико, на Гренланд...Го бомбардираше Иран, го подржуваше Израел во Газа, а го киднапираше и претседателот на Венецуела, Николас Мадуро. Соопштенијата на Европа за сето ова, беа завиткани во шарен целофан, небаре станува збор за обланди. Па дури и кога им воведе царини не кренаа глава, туку побрзаа да направат некаков трговски договор, кој сега сакаат да не биде ратифициран во Европскоиот парламент. Откако им се закани со нови царини.  Европските лидери се плашеа да не го навредат Трамп, да не го вознемират. Демек може да ја повлече Америка од НАТО, па Алијансата да се распадне, со можно распаѓање и на ЕУ, може да ја повлече Америка од војната со Русија...А, „татичкото“ на Руте не ги есапи. Не само тоа, им се заканува!

И не само молчењето ја доведе Европа до сегашното дереџе. Нејзината политика е многу проѕирна. Се знае што ќе преземе неколку чекори однапред. Нема лидер во Европа. Нема лидер кој ќе чукне на маса и ќе каже „доста е“. Дека е потребно единство. А не, Германија, како да беше главен сојузник на Израел. А други земји од ЕУ, ги осудија неговите чекори. Или околу Венецуела. Па и околу Украина. Сега некои држави, Франција, Германија, Италија,  зборуваат за дијалог со Русија, дека Русија е Европа, а други, Британија на пример, е категорично против таков дијалог. И сега, кога дојде до директен напад на членка на ЕУ, Данска, се извадија ракавиците, но и натаму гардот е спуштен. Само повици. Генералниот секретар на НАТО разговарал со Трамп. За што? За безбедноста на Гренланд и Арктикот. Америка да не се грижела, НАТО ќе и ја гарантира безбедноста од руски и кинески бродови ако влезат во Арктикот! На најголемата воена сила во светот. Ни Руте, ни никој друг не сака да гледа дека Трамп не го интересира Арктикот, туку територија. Територија од над еден милион квадратни километри. Со се’ што е на неа и под неа. А потоа и се’ она што има кон Арктикот.

РАМКОВЕН ДОГОВОР

За многу од овие работи ќе се разговара во Давос. Така очекуваат Европејците. А во меѓувреме тие му упатија порака на Трамп.  Соопштение потпишано од Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Британија. „Изразуваме целосна солидарност со Кралството Данска и народот на Гренланд. Надоврзувајќи се на процесот започнат минатата недела, подготвени сме за дијалог врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет, кои цврсто ги поддржуваме“, се вели во соопштението. „Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и се закануваат со опасна спирала надолу. Ќе продолжиме да дејствуваме едногласно и на координиран начин. Посветени сме на одбраната на нашиот суверенитет“, изјавија Данска и нејзините сојузници. А што со заканите од Трамп кон Канада, на пример? Или Мексико?...Ќе има ли некое соопштение од овој вид?

Во Давос, по сила на приликите на второ место на геополитичкиот дневен ред треба да е Украина. Со европскиот план за нејзина безбедност и гаранциите што се бараат од САД. Вчера во САД завршија преговорите меѓу украинската и американската делегација. Штури соопштенија дојдоа од таму. Нема ништо конкретно. Претседателот на Украина Владимир Зеленски минативе денови рече дека со Америка има некои разлики во поглед на документите што треба да се договорат.  Тие се познати. Во прв ред гаранциите за безбедност од страна на САД. А за возврат Украина, евентуално, да се повлече од територијата на Донбас. На овој план, се чини, нема напредок.

Украина се надева дека ќе може да потпише рамковен договор за безбедносни гаранции со американскиот претседател Доналд Трамп по Светскиот економски форум во Давос. Но, целосен договор што гарантира учество на Вашингтон во спречувањето на нов руски напад „се покажа како потежок за преговори“. Затоа, Киев сака да потпише прелиминарен текст на „општи услови“ за идните гаранции. За потсетување, Трамп неодамна го обвини Зеленски за продолжување на војната. Во исто време, Трамп го потврди своето патување на Форумот во Давос и можна средба таму со Зеленски. Претходно, Американците во Париз одбија да потпишат декларација за распоредување на европски трупи во Украина по прекинот на непријателствата.

За Украина важен е уште еден најавен договор. Станува збор за договор што треба да го потпишат  САД и Украина за нејзина реконструкција од 800 милијарди долари. Средствата треба да се собираат во текот на една деценија за обнова на Украина и зајакнување на нејзината економија.  Потпишувањето треба да се одржи во Давос, со учество на претседателите на двете земји, Владимир Зеленски и Доналд Трамп. Во мировниот план на Трамп, објавен во медиумите во ноември, се предвидува создавање на фонд за реконструкција на Украина управуван од Американците, во кој ќе бидат вложени 100 милијарди долари замрзнати руски средства и 100 милијарди долари од Европејците. Вашингтон, исто така, изјави дека под негово управување, големината на фондот би можела да порасне на 800 милијарди долари. Но и овде Американците не оставаат се’ на случајности. Специјалниот пратени на Трамп, Стивен Виткоф, го објави проектот за повоена реконструкција на Украина. Бил за луѓето што ќе се враќаат дома по војната, да најдат работа, и друго, а главна американска компанија во реализација на проектот е BlackRock.

„ТРГОВСКА БАЗУКА“

Ќе успее ли Европа да ја искористи шансата на домашен терен и да го натера Трамп да се откаже од неговите правила. Да го почитува меѓународното право. Но како да го направи тоа? Се вели „кој сее ветер, жнее бура“. За Европа важи, „кој сее молчење, жнее толчење“.  За неа е важно во Давос да води дијалог, а не да го остави Трамп со негов монолог. Европа повикува на дипломатија, но мора да има подготвено и сериозни мерки и санкции кон САД. Веќе се пишува дека ЕУ може да воведе одмазднички царини врз САД, поради Гренланд, од 93 милијарди евра. Втората одмаздничка опција на ЕУ е да го ограничи пристапот за американските компании до единствениот пазар. Во Франција се споменува макроновата „трговска базука“. Но има и друго гледање. На министерот за одбрана на Белгија, Тео Франкен. По изјавата на Трамп за нови царини кон некои земји, на социјалната мрежа Х тој напиша: „Денот кога „Америка над се’“ ќе стане „Америка сама“, Западот ќе изгуби, вклучувајќи ги и самите САД. И тоа на големо!“. Влоговите во играта очигледно се големи.

Америка нема да биде сама никогаш. Секогаш ќе има некој кој ќе сака да биде со неа. Трамп ќе замине, а со него и трампизмот. Но Европа треба да се научи. И без Трамп и без трампизмот, таа треба да води, а не само да следи. Таа сега ја плаќа цената на доброволното напуштање на независната надворешна политика. Уште во времето на првиот мандат на Трамп. Ако не и пред тоа. Го прашаа секретарот за финансии на САД, Скот Бесент, што е поважно за националната безбедност на САД: Гренланд или НАТО. Тој го нарече тоа „јасно неправилен избор“ и увери дека САД ќе останат дел од алијансата. Во врска со загриженоста на европските лидери за активностите на САД во врска со островот, секретарот за финансии рече дека тие ќе се предомислат.

Ова е доволен вовед за Европа во дебатата за иднината на Гренланд, па и на Европа. Давос е шанса за неа конечно да  постигне единство кое ќе ја води на победнички патеки. Во спротивно таа ќе се предомислува за се’.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Слично

Поврзани вести