Кој продукт во „корона“ се троши ко луд? Продажбата порасна за еден милион евра!
Продуктите што ги прави битолска Квасара лани донеле зголемен приход за 15 отсто во однос на 2019 година. Вкупната продажба надмина 7,6 милиони евра, а оперативната добивка е 206.000 евра
Квасецот во различни форми и величини на единствената домашна фабрика за квас и шпирт од Битола лани беше полн погодок на домашниот пазар. Со стартот на мерките, вонредната состојба започна и кумулирање залихи кај гаѓаните кои во првиот налет купуваат се и сешто за во домашните магацини. Во тие потрошувачки бранови меѓу другите основни домашни продукти свое заслужено место имаше и квасот на битолска „Квасара“.
Според официјалните финансиските податоци од билансот на успех битолската Фабрика за квасец и алкохол лани остварила приходи од продажба во вкупна вредност од 7,6 милиони евра што е за 1 милион евра повеќе од претходната споредбена година. Тоа значи дека во минатата година продажбата пораснала за 15 отсто.
На страната на расходите лани доминирале потрошените материјали и ситен инвентар за што друштвото издвоило 3,7 милиони евра што е раст за речиси 20 отсто во споредба со претходната споредбена година. За вработените лани „Квасара“ исплатила 1,15 милиони евра што е безмалку на исто ниво во однос на 2019 година. За останати расходи од дејноста компанијата исплатила 2,2 милиони евра.
Оперативната добивка на битолската „Квасара“ лани изнесува 206.000 евра, а резултатот е неспоредлив со претходната година кога завршиле со загуба од 80.000 евра.
Финансиските расходи на компанијата негативно влијаат врз нето добивката. Лани нивниот износ бил 113.000 евра што е за околу 20 отсто повеќе од 2019 година. Финансиските приходи изнесувале 2.700 евра и се за 8 пати намалени во споредба со 2019 година. Нето добивката на Квасара лани изнесува 48.000 евра
Акцијата на „Квасара“ на берза последно се тргува по цена од 13.000 денари што е најниска цена во период од една година тргување. Последен пат е тргувана акцијата вчера, а за една година прометот е околу 85.000 евра.
Што ја прави посебна битолската Квасара?
Освен што е единствена што произведува квасец и спирт оваа компанија е една од ретките во земјава која и по 25 години од транзицијата од плански во пазарен систем уште на одреден начин се води како во време на самоуправувањето. Компанијата има над 240 акционери – домашни физички лица кои поседуваат 97,7 отсто од акциите со право на глас и нема ниту еден акционер кој поседува над 5 отсто од управувачките права. Компанијата има издадено 12.500 акции со право на глас.
Р.Ф.