Кој повеќе ги слуша граѓаните: СДСМ или ВМРО?
Нема ден ако двете најголеми политички партии не се препукаат.
Овој пат тие се скараа за тоа кој повеќе ги слушал граѓаните.
Од владеачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека за сите активности во Собранието тие ги консултирале граѓаните, а опозицијата пак вели дека активно ги слушале и работеле во изминатите месеци со граѓаните во рамките на платформата Граѓаните за Македонија при што напоменуваат дека Организациите од граѓанското општество ќе можат да присуствуваат на заседанијата на комисиите.
Собранието фунционираше со целиот свој уставен капацитет и без присуството на СДСМ, а ќе продолжи да функционира со истиот капацитет и сега кога СДСМ одлучи да се врати велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Единствена разлика е што сега, барем се надеваме, дека пратениците од СДСМ ќе почнат да си ги заработуваат своите плати. Во минатите 15 месеци донесени се голем број законските решенија кои беа во директен интерес на граѓаните и на многу засегнати групи“, стои во соопштението.на владеачката партија.
Од СДСМ пак велат дека ќе го слушаат мислењето на граѓаните и Редовно ќе ги консултираат сите засегнати страни за конкретните закони што ќе ги предлагаат во Собранието.
„Ќе ги отвориме сите седници на комисиите каде што претседатели се претставници на СДСМ и на коалициските партнери! Организациите од граѓанското општество ќе можат да присуствуваат на заседанијата на Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за земјоделство и шумарство, Комисијата за здравство, Комисијата за труд и социјална политика и Националниот совет за евроинтеграции. Но, и Комисијата за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор врз примената на посебната истражна мерка следење на комуникациите ќе бидат во редовни консултации со претставниците на граѓанскиот сектор коишто можат да придонесат за поквалитетна нивна работа“ стои пак во соопштението на опозицијата.
Колку и да се препукуваат партиите едно е јасно и на терен состојбата изгледа поинаку. Оскудни се информациите и прашањата за кои се консултирани граѓаните.
