Кој плати 12 милиони евра за удел во платежната индустрија во Македонија?
Интернационалниот Картичен Систем АД Скопје (КаСис) вчера истргува сопственички удел од 35,02 проценти во блок трансакција од 728 милиони денари (11,9 милиони евра), објави Македонска берза.
Во блок зделката се истргуваа вкупно 2.655.602 акции по цена 274,14 денари, се вели во соопштението на берзата. Страните во договорот не беа откриени.
Процесинг центарот не котира на Македонската берза. Компанијата нуди услуги за е-плаќање на банки и нефинансиски институции.
КаСис за 2020 остварил нето добивка за финансиската година во износ од 45.568.241 илјади денари, што е за 75 отсто поголема од нето добивката за 2019 година.Компанијата, единствена од таков тип во платежната индустрија во земјата, управува со мрежата на банкомати и ПОС-терминали на банките и во нивно име врши авторизација и процесирање на трансакциите извршени на овие терминали.
Дејноста на КаСис е да ги менаџира технолошките промени во картичната индустрија. Основните дејности се процесирање трансакции со платежни картички, управување со АТМ и ПОС мрежа, е-трговија, персонализација на дебитни и кредитни платежни картички и неплатежни картички.
А.К.
