Кој планира во Грција – нека се подготви
Граѓаните кои планираат патување во Грција оваа година ќе треба добро да се подготват, бидејќи од 10 април системот EES (Entry/Exit System) ќе почне да функционира во полн капацитет на сите надворешни граници на Европската Унија.
Новиот систем има за цел да ја модернизира контролата на границите и да го дигитализира влезот и излезот на патниците од земјите кои не се членки на ЕУ, меѓу кои е и Македонија. Наместо класично печатирање на пасоши, ќе се користат биометриски проверки – фотографија на лицето и отпечатоци од прсти, како и електронско евидентирање на датумите на влез и излез.
Првично се очекуваше некои туристички дестинации, меѓу кои и Грција, да добијат подолг период на олеснување за време на летната сезона, за да се избегнат големи гужви на границите. Но, според најновите информации, таквата флексибилност ќе биде минимална – системот ќе може да се суспендира само неколку часа дневно, а не денови или месеци како што претходно се споменуваше.
Тоа значи дека патниците кои ќе патуваат кон Грција во текот на летото треба да бидат подготвени на подолги задржувања на граничните премини, особено во периоди на зголемен туристички сообраќај.
Според досегашните искуства од тест-периодот, новиот систем веќе предизвика одредени проблеми на европските аеродроми и гранични премини. На некои места времето за гранична контрола се зголемило и до 70 проценти, а за време на празнични периоди патниците чекале и до неколку часа.
Затоа експертите советуваат граѓаните кои патуваат со автомобил внимателно да ја планираат рутата и да ја следат состојбата на граничните премини. Освен најфреквентниот премин Евзони, патниците можат да ги користат и Дојран и Меџитлија, кои работат 24 часа.
EES системот ќе се применува на сите надворешни граници на Европската Унија – и на копно и на аеродроми – со цел подобро следење на краткорочните престои до 90 дена во рамки на период од 180 дена.
Со целосната имплементација на системот од април, патувањето кон Грција и другите земји од ЕУ ќе биде побезбедно, но и поформално, што може да значи подолги редици на границите, особено во шпицот на туристичката сезона.
Б92