Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој најмногу заработи од управување со инвестициски фондови во Македонија? Добивките во раст 2025 година

Кој најмногу заработи од управување со инвестициски фондови во Македонија? Добивките во раст 2025 година

Друштвата за управување со инвестициски фондови во земјава ја завршиле 2025 година со вкупна нето-добивка по оданочување од околу 3,57 милиони евра, односно 219,66 милиони денари. Во споредба со 2024 година, кога нивната заедничка заработка изнесувала околу 2,60 милиони евра, добивката е зголемена за околу 969 илјади евра, или за 37,2 проценти.

Во анализата се опфатени КБ Инвест, ВФП Фонд Менаџмент, Вега Фондови, НЛБ Фондови и Иново Статус. Станува збор за компании што управуваат со инвестициски фондови и заработуваат преку управувачки и други провизии, додека фондовите се производите во кои вложуваат граѓани, компании и институции. Кај отворените фондови инвеститорите купуваат удели кои може да се откупуваат според правилата на фондот, а кај затворените фондови инвеститорите поседуваат акции.

Најпрофитабилно друштво во 2025 година е КБ Инвест АД Скопје, со нето-добивка од околу 1,52 милиони евра, односно 93,41 милиони денари. Една година претходно, КБ Инвест имал добивка од околу 997 илјади евра, или 61,30 милиони денари, што значи дека за една година заработката е зголемена за околу 522 илјади евра, односно за 52,4 проценти. Со тоа, само ова друштво учествува со околу 42,5 проценти од вкупната добивка на анализираните друштва.

Втор најголем резултат има ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје, со добивка од околу 1,34 милиони евра, односно 82,47 милиони денари. Во 2024 година добивката изнесувала околу 1,26 милиони евра, или 77,19 милиони денари. Растот е значително поумерен од оној кај КБ Инвест, односно околу 85,8 илјади евра, или 6,8 проценти.

Овие две друштва убедливо доминираат на пазарот според профитабилноста. КБ Инвест и ВФП Фонд Менаџмент заедно заработиле околу 2,86 милиони евра, што е околу 80 проценти од вкупната добивка на сите анализирани друштва.

На третото место е Вега Фондови АД Скопје, но кај него е најголемиот процентуален скок. Вега Фондови во 2025 година остварила нето-добивка од околу 589 илјади евра, односно 36,20 милиони денари, додека во 2024 година добивката изнесувала околу 275 илјади евра, или 16,93 милиони денари. Тоа е зголемување од околу 313 илјади евра, односно раст од 113,9 проценти.

НЛБ Фондови АД Скопје има помал апсолутен резултат, но со силен годишен раст. Друштвото лани заработило околу 122 илјади евра, односно 7,52 милиони денари, во споредба со околу 71,9 илјади евра, или 4,42 милиони денари во 2024 година. Тоа е раст од околу 50,3 илјади евра, или 69,9 проценти.

Најслаб резултат има Иново Статус АД Скопје, со добивка од околу 1.090 евра, односно 67 илјади денари. Во 2024 година друштвото имало добивка од околу 4.065 евра, или 250 илјади денари, што значи пад од 73,2 проценти.

Податоците покажуваат дека пазарот на друштва за управување со фондови расте, но профитот е концентриран кај неколку играчи. КБ Инвест е најголем според заработката, ВФП останува втор силен играч, Вега Фондови има најбрза динамика на раст, НЛБ Фондови бележи подобрување од пониска основа, а Иново Статус останува со симболичен резултат. Од она што можевме да го воочиме, околу половина од остварените приходи на овие друштва за уравување со инвестициски фондови на крајот изглегуваат како прикажана добивка.

Во 2025 година на пазарот се појави и ново друштво, Опфолио Инвестиции АД Скопје. КХВ во мај 2025 година издаде дозвола за работа на ова друштво, а во октомври одобри организирање на два отворени инвестициски фонда, ОПФОЛИО Прогресивен Фонд и ОПФОЛИО Паричен Фонд. За него сè уште нема достапни споредливи ревидирани податоци за добивка по оданочување, па затоа не е вклучено во бројките за 2025 година. 


Филип Костов

Слично

Поврзани вести