Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој купува акции на „Скопски пазар“?

Кој купува акции на „Скопски пазар“?

Согласно член 34 став 1 алинеја 7 од Правилата за котација вчера преку страницата на Македонска берза беше соопштено дека Сашо Давитковски кој воедно е и Претседател на Управниот одбор на Скопски Пазар АД Скопје купил 33 обични акции.

Фактор неодамна пишуваше за она што се случува со оваа компанија а некои инвеститори на берзата ја промовираат тезата дека семејството Давитковски може да го изгубат приматот во компанијата, затоа што може да ја изгубат поддршката од вработените.

Се поставува прашањето: 

Има ли раскол во семејството што управува со „Скопски пазар“?

Еден од браќата Давитковски, Тошо на 16 месецов објави дека продал 200 акции со право на глас во „Скопски пазар“. Инвеститорската заедница веќе на големо шпекулира дека Тошо од поодамна му оди контра на братот Сашо, претседателот на Управниот одбор. Иако количината на продадени акции не е голема важно е е дека купувач не е никој од неговото семејство. Можеби е големиот ривал , најголемиот акционер „Современ дом“ кој иако најголем поединечен акционер е опозиција во големата трговска компанија?

Тошо Давитковски, член на Управниот одбор на „Скопски пазар“ продал 200 акции со право на глас во таа голема македонска трговска компанија, објави ова акционерско друштво на страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Веста е многу важна за инвеститорската заедница не заради квантумот на продадени акции (помалку од 0,3 отсто од сите акции) туку заради тоа што ја подгрева шпекулацијата дека меѓу двајцата браќа Давитковски Тошо и Сашо, претстедателот на Управниот одбор на „Скопски пазар“ постои голема и нескриена нетрпеливост. 

Таа теза сега се интензивира, а како аргумент плус се додава фактот дека Тошо Давитковски и претходно продаваше свои акции во „Скопски пазар“ со што го намалуваше квантумот на акции што под контрола ги имаат Давитковски. Мајката Тодорка има 11,36 отсто од акциите, Сашо има 10,86 отсто , а Тошо од поодамна има помалку од 5 отсто од акциите иако во минатото беше во групата акционери кои поседуваат над 5 отсто од акциите. Оваа тенденција многумина ја толкуваат како одраз на меѓусебната нетрпеливост на браќата. 

Тензијата особена ја подгрева  и тоа што најголемиот акционер во компанијата е прилепската компанија „Современ дом“ . „Современ дом“ во последниве две години стигна до 16,9 отсто од акциите со право на глас во „Скопски пазар“ и тоа го правеше преку транскации на берзата во повеќе наврати. Влезот на овој инвеститор во „Скопски пазар“ всушност е главниот катализатор на растот на цената на таа акција која пред влезот се тргуваше на ниво пониско од 4.000 денари, а сега достигна  9.500 денари за акција. Дополнително тензиите ги загреваат шпекулации кои Тошо Давитковски го поврзуваат со „Современ дом“, а се знае дека најголемиот поединечен акционер е опозиција на акционерските собранија и нема свој претставник во ниту еден од органите на управување на таа компанија. Иако не се знае кому продава Тошо Давитковски повеќе од сигурно е дека тоа не се ниту брат му Сашо ниту пак мајката Тодорка.

Вестите за лошите односи меѓу браќата и самата клима во компанијата дополнително ја подгреваат и лошите пазарни резултати на „Скопски пазар“, губењето на пазарната позиција и континуираниот пад на приходите од дејноста. Некои инвеститори на берзата ја промовираат тезата дека семејството Давитковски може да го изгубат приматот во компанијата затоа што може да ја изгубат поддршката од вработените заради тоа што долго време не успеваат да поделат дивиденди, а и платите на вработените не се на високо ниво во споредба со нивната конкурекција. Воедно судот го задолжи Сашо Давитковски да го намали бројот на сопствени акции и тој деновиве во целост ја исполни задачата што му ја даде судската пресуда и сега остана трет акционер по големина, а до пред некое време беше на второто место. 

Секако, неизвесноста околу „Скопски пазар“ продолжува особено заради тоа што е повеќе од сигурно дека најголемиот акционер „Современ дом“ од Прилеп нема да се помири со положбата да остане само силна опозиција во оваа трговска компанија.


Слично

Поврзани вести