Кој ќе „ситни“ кеш за акциите на Еуростандард банка во моќни домашни компании: Се продаваат за „се или ништо“
Помина една година откако Народната банка стави клуч на врата на Еуростандард банка, а во процесот на распродажба на имотот кој го поседувала стасаа на ред акции во некои поголеми македонски компании, но и во Македонска берза. Не е мал списокот на капитал кој банката на Трифун Костовски го имала и во други реномирани фирми. Голем дел од нив сега се нудат на продажба на јавна берзанска аукција која ќе се организира во четврток на 2 септември. Стокмени се пакети акции од кои повеќето се нудат по моделот „се или ништо“. Она што е интересно е што се продаваат и акциите кои Еуростандард ги има во Македонска берза, а за кои согласност за купување доби Загребската берза, но таа трансакција се уште не е реалзирана. Дали ќе се заокружи ќе се види во четврток.
Берзанските аукции ги организира Комерцијална банка како членка на берзата која има дозвола за тоа. Еве што се продава - 8.152 обични акции од градежната компанија Гранит АД Скопје. Ако се продадат новиот сопственик ќе стекне акции кои се 0,27 проценти од основната главнина на друштвото. Почетната продажна цена е 1.250 денари по акција или тој ќе треба да плати за сите најмалку 10,19 милиони денари или 166 илјади евра.
Се продаваат и 235 обични акции издадени од Макпетрол АД Скопје по цена од 82.000 денари за една акција. Тоа е 0,21 проценти од друштвото, а затоа што се продаваат по моделот се или ништо, заинтересираниот купувач ќе треба да искешира најмалку 19,27 милиони денари или 313 илјади евра, се разбира ако се постигне таа цена, но може да биде и повисока.
Во пакет се нудат и 160 обични акции од Реплек АД Скопје што претставува 0,62 отсто од основната главнина на друштвото. Почетната продажна цена е 105.000 денари по акција или вкупно 16,8 милиони денари ( нешто над 273 илјади евра).
На берзанска аукција ќе се продават и акции од Македонска берза, Централниот депозитар за хартии од вредност и КИБС. Во депозитарот Еуростандард банка поседувала 890 обични акции кои се 14,83 отсто од основната главнина на друштвото. Почетната продажна цена е 15.000 денари по акција но ќе се даваат преку моделот “на парче. За сите акции новиот сопственик или повеќето нови сопственици ќе платат над 13 милиони денари. Се нудат акции и од КИБС и тоа 632 обични акции што претставува 2,59 отсто од основната главнина на друштвото, со почетна продажна цена од 15.000 денари по акција преку моделот “на парче“.
Инаку во списокот на закажаната аукција стојат и акциите кои Еуростандард ги имаше во Македонска берза. Станува збор за 276 обични акции кои се 9,89 отсто од берзата. Почетната цена е 61.526 денари по акција и ќе се продаваат преку моделот “се или ништо“. За овие акции во март годинава понуда достави Загребската берза, а Комисијата за хартии од вредност издаде Решение за согласност за преземање на квалификувано учество поголемо од 10 отсто во Македонска берза. Тогаш КХВ извести дека со овие акции берзата од Загреб ќе има вкупно 15,19 отсто од акциите на Македонска берза, затоа што таа веќе поседува 5,3 проценти. Трансакцијата за стекнување на акциите требаше да се изврши во рок од 90 календарски денови од денот на добивање на согласноста, но тоа не се случи па КХВ издаде нова согласност.
Во меѓувреме во мај годинава Ивана Гажиќ, актуелната директорка на Загребската берза беше избрана за нов неизвршен член на Одборот на директори на Македонска берза.
Таа во интервју за Фактор во јули рече дека процесот се пролонгирал, но дека очекува да се заврши брзо.
„Искрено, очекувавме дека процесот на продажба на акциите веќе ќе биде завршен. Затоа и ја започнавме постапката за добивање на согласност од Комисијата за зголемување на сопственичкиот удел во Македонска берза на почетокот на годината. Понатамошното пролонгирање на продажбата на акциите сигурно ќе биде дополнителна оперативна работа за нас. Не би сакале да помислиме дека ова пролонгирање има врска со нашата намера. Ние избравме во овој процес да бидеме максимално транспарентни, ги обезбедивме сите одобренија и имаме финансиските средства за купување на акциите, односно сме 100 отсто подготвени. Оттука, се надеваме дека до моментот на склучување на трансакцијата не дели многу малку време, рече во јули Гажиќ. Александра Томиќ
