Кој ќе седне во македонското Собрание денес?
На вкупно 123-ца нови македонски пратеници ќе им бидат верификувани мандатите на денешната конститутивна седница на македонското Собрание.
Ова е осмиот состав на Собранието на Република Македонија. Според официјалните резултати од последните парламентарни избори, во новиот состав на законодавниот дом треба да седат 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, 19 од ДУИ, 7 од ДПА и 1 од ГРОМ.
На изборите СДСМ и нејзините коалициски партнери освоија 34 мандати, но тие одлучија да ги вратат и да не учествуваат во работата на новиот парламентарен состав затоа што не ги признаваат изборите. За истиот чекор се одлучи и еден пратеник на НДП.
Тие не си ги подигнаа ниту уверенијата за избрани пратеници, па Државната изборна комисија мораше да им ги прати по пошта.
Сепак, според толкувањето на експертите, неприсуството на овие пратеници на денешната седница нема да го попречи конституирањето на Парламентот. Нивните мандатите ќе бидат верификувани од парламентарното мнозинство, а потоа ако сакаат да се откажат тие ќе треба да поднесат оставки на функцијата во Собранието.
Со денешната собраниска седница ќе претседава најстариот пратеник во новиот собраниски состав, а до крајот на седницата треба да биде избран и претседател на Собранието. Кој ќе ја преземе оваа клучна позиција сеуште е неизвесно, со оглед на тоа што оваа функција ја бара Демократската унија за интеграција во рамките на преговорите за формирање на новата владина коалиција.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, останува на намерата за спикер на законодавниот дом повторно да го предложи досегашниот Трајко Вељаноски. ДУИ бара и промена на собранискиот Деловник, така што во иднина и пленарните седници да можат да се водат на албански јазик.
Ова предизвика сериозни несогласувања меѓу досегашните коалициски партнери. Ахмети нагласи дека нема намера да отстапи од инсистирањето неговата партија да го добие важното претседателско место во Собранието, па дури синоќа најави дека е можен прекин на преговорите за состав на нова Влада доколку од Груевски добие негативен одговор за овие прашања.
Со конституирањето на Собранието започнуваат да течат роковите за формирање на новата Влада - шефот на државата треба да му го довери мандатот за состав на Владата на новиот мандатар, а тој треба да го состави Кабинетот и да го предложи во Собранието. Но, со оглед на тоа што овојпат заедно со парламентарните се одржуваа претседателски избори, пред Собранието најпрвин треба да положи заклетва и старо-новиот претседател Ѓорге Иванов.
Слично
