Кој ќе профитира од извозот додека Балканот се „кара“ за ајварот?
Чив ајвар е повкусен на Балканот, ние како земјоделска земја која е горда на своите пиперки и патлиџани секако си држиме на ставот дека сме неподбеливи во споредба со нашите соседи и земји од поблиското опкружување, сепак тоа што е поважно е бизнис потенцијалот за извоз на ајвар како ексклузивен балкански деликатес.
– Она што некогаш беше намирница на секое домаќинство сега стана интересно за сите прехранбени индустрии. Македонците, Бугарите, Србите, дури и Словенците почнаа да тврдат дека ајварот и нивни, вели Тамара Огњевиќ, експерт за гастрономско наследство од Белград.
Според неа, ајварот на Балканот дошол со турското освојување. Првпат бил употребен во еден ресторан во Белград во 19. век чии сопственици биле Македонци.
Зборот ајвар најверојатно доаѓа од турскиот збор хајвар, што значи кавијар. Целта била со овој назив да се истакне дека станува збор за екслузивен производ со оглед на сложениот процес на подготовка и скапите намирници, како што тогаш било сончогледовото масло.
Во однос на брендот ајвар, сите држави реагираа кога една словенечка компанија во 90-те години на минатиот век се обиде да го заштити ајварот како свој производ.
Србија има дури 43 заштитени производи според географското потекло, а еден од најстарите и најпознатите е лесковачкиот ајвар.
Македонија, исто така, како бренд го има македонскиот ајвар, како дел од својата традиција. Голем број странски туристи се воодушевени од овој македонски специјалитет.
Во 2008 година во организација на Бордот на европски студенти (БЕСТ) започна манифестацијата „Ајваријада 2008“, што практично значеше промовирање на ајварот како македонски бренд.
Три месеци пред Ајваријадата, од јули до септември, траеше кампањата во рамки на која секое домаќинство можеше да испрати сопствен рецепт за ајвар. Рецептите се промовираа за време на манифестацијата, а врз основа на само 10 избрани, директно на самото место, се подготвуваше и се дегустираше ајварот. Оваа манифестација традиционално се одржува во Македонија.
Податоците на македонската асоцијација на преработувачи покажуваат константно зголемување на извозот, кој во последните пет години е зголемен за 67,6 проценти. Ајварот најмногу се пласира на европските пазари и во земјите од регионот.
Филип Еванс, Британец кој живее во Скопје, основал фирма за извоз на ајвар во повеќе земји, меѓу кои и Велика Британија и Франција.
– Кога ќе ги видите производите од типот на хумус, харис или песто, сите тие станаа гастрономски „мајнстрим“, а ние почувствувавме дека и ајварот го има тој потенцијал, вели Еванс, кој додава дека е свесен оти овој производ создава „поделба“ на Балканот.
