КОЈ ЌЕ „ПРАВИ ЧИСТКА“ ВО ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ? Владата ќе им плати 7,8 милиони евра
Владата склучила на 21 октомври два договори за чистење и за одржување на зградите во кои се сместени сите органи на државната управа кои заедно вредат безмалку 7,7 милиони евра. Тендерот за чистењето го доби компанијата Серта и тој е во вредност од 263.132.929 денари (4,3 милиони евра) додека одржувањето на државните објекти им припадна на скопската компанија Бапал Благој ДООЕЛ, тендер кој тежи 208.781.734 денари (3,4 милиони евра). Договорот е на 36 месеци, а плаќањето за чистењето Владата ќе го плаќа на месечно ниво по истекот на месецот.
Што добива Владата, а што ќе „чистат“ фирмите кои го добија тендерот?
Според Договорот кој веќе е објавен на Системот на јавни набавки Серта ќе треба да ги чисти и брише внатрешните канцелариски и други простории, заеднички простории, ходници и скали, санитарните јазли, лифтовите и подрумите. Просториите треба да се чистат суво, но и да се бришат со влажно чистење, а секојдневно треба да се вади ѓубретоод корпите за отпадоци. Нивна работа се и чистењето на терасите, но и на снегот пред објектите на зградите кои ќе ги средуваат.
Сето тоа Серта ќе треба да го прави во неколку дестици објекти, сите кои спаѓаат под капата на државната управа. На листата институции се и канцелариите на поранешните претседатели на државата, вилите на премиерот и претседателот во Скопје, но и низ градовите, но и сите министерства, нивните подрачни единици и другите државни институции. Обврска на добитникот на тендерот е да има лице кое дневно ќе контролира како е завршена работата. За ова Серта треба да ангажира минимално 252 лица од кои девет за координација, а 215 работници – 158 за Скопје, а 57 во подрачните единици на Министерствата. Минимум 28 лица ќе треба да се ангажирани во четири мобилни екипи.
Договорот со БАПАЛ Благој пак се однесува на одржување, а за државните органи оваа компанија ќе треба да средува се што се тековни обврски, за славини, кабли, чешми вентили, тоалетни школки, сифони, сијалици и осигурувачи. Истата работа ќе ја прават за сите објекти во кои ќе работи и Серта. За тоа БАПАЛ Благој ќе ангажира водоинсталатери, електричари, столари, бравари и слично.
Во договорите стои дека работниците треба да се доверливи, односно да не изнесуваат информации од институциите.
А.Т.
