Кој ќе ја плати сметката за струја – Ние или големите компании за вештачка интелигенција
Големите компании за вештачка интелигенција драстично ја зголемуваат потрошувачката на електрична енергија за напојување на центрите за податоци и серверите што предизвикува и ценовен притисок врз пазарот на струја, а со тоа и редовните потрошувачи меѓу кои и домаќинствата.
Американскиот претседател Доналд Трамп во обраќањето до нацијата одвои време да го покрене токму ова прашање, посочувајќи дека им наложил на големите технолошки компании сами да вложуваат во нивната потреба за енергетска инфраструктура, што може да помогне во намалување на ценовниот притисок за потрошувачите.
Еден дата центар троши колку 100.000 домаќинства
САД, Кина и Европа најмногу трошат струја за потребите на вештачката интелигенција.
Регион | Очекувана потрошувачка (TWh) | Проектиран раст (%) |
САД | 240 | +130% |
Кина | 175 | +170% |
Европа | 45 | +70% |
Македонија | Во подем | / |
Во следните нешто помалку од пет години потрошувачката во САД се очекува да достигне 240 терават/часови или раст од 130 отсто, во Кина нивото ќе порасне за 170 отсто или вкупно потрошувачка од 175 терават/часови, а во Европа растот до 2030 година ќе изнесува 70 осто или вкупно 45 терават/часови потрошувачка на електрична енергија.
Во Америка се очекува да се зголеми и годишната просечна потрошувачка на струја за ВИ по глава на жител од сегашните околу 550 киловати на 1200 киловати по глава на жител до крајот на декадата, што за споредба е околу 10 отсто од годишната потрошувачка на струја на едно семејство.
Еден напреден дата центар може да достигне годишна потрошувачка на електрична енергија колку 100.000 домаќинства, што претставува огромен предизвик за енергетската инфраструктура но, и во искористеноста на ресурсите што води кон ценовен притисок, особено во сметките на потрошувачи.
Дали е доволна минималната заштита на потрошувачите?
Засега концептот за стапка на заштита на потрошувачот наводно го прифатиле технолошкиот гигант Мајкрософт и стартапот за вештачка интелигенција Антропик кои ќе инвестираат неколку милијарди евра во нови производствени капацитети кои ќе се базираат на нуклеарен потенцијал и обновливи извори на енергија.
Европската Унија има повеќе заштитни механизми за населението и услови за изградба на дата центри особено во делот на потрошувачката на енергија, искористување на вишоците на топлина за загревање назад во парно мрежата, енергетски ознаки на дата центрите за нивната ефикасност и построги правила за намалување на загадувањето и одржливоста. Токму дел од овие регулаторни правила се сметаат и за гушење на европската конкурентност во споредба со американската дерегулација во интерес на технолошки и профитабилен развој.
Истовремено Македонија е промовирана како нова дестинација за искористување на енергетските потенцијали кои ќе ги „хранат“ дата центрите и потребите на вештачката интелигенција за европските проекти, но и за интернационалните гиганти, а за возврат да добие пристап до технолошката инфраструктура за сопствени потреби.
Цената на (најголемиот) енергетски и технолошки скок во историјата
Но, ова засега е само мал дел од товарот кој сега, а и во иднина ќе го предизвикуваат технолошките компании за напојување на процесите на вештачка интелигенција. Оваа техологија ќе биде еден од најголемите двигатели на зголемувањето на потрошувачка на енергија во историјата на човештвото, додека пак повратот, односно вредноста која ќе биде создадена преку ова искористување на ресурсите засега не е јасно дефинирано.
Од една страна има прогнози дека ВИ ќе го донесе најголемиот напредок на цивилизацијата, а од друга страна има предупредувања дека вредноста на оваа нова технологија е преценета што може да доведе и до пад на пазарите на капитал.
Поради напуштање на климатските заложби од минатите политички циклуси, откако САД во вториот мандат на Трамп повторно се повлече од Парискиот климатски договор, потребата за повеќе енергија нема да сопре, а со тоа ниту на потрошувачката, прашање е само како тоа ќе влијае на цената и регулацијата за потребите на домаќинствата.
Х.С.