Кој ќе ја плати евтината струја на домаќинствата?
Евтината струја е медал со две лица, а тука важи народната : некому ќе му се раздени кога на друг ќе му се стемне. Колку е популизмот, во наши услови, соодветен на расположливите државни енергетски ресурси? Прашањето се поставува со право зашто никој од повиканите не објасни кои се аспекти се менуваат со воведувањето на евтината цена на струја за домаќинствата. Власта мудро молчи, а опозицијата има попаметна работа?
Регулаторната комисија за енергетика пред неколку дена одобри корекција на тарифникот за регуларани цени на електрична енергија за домаќинства со тоа што воведе ниска тарифа (популарно наречена евтина струја) во период од 2 часа од 14 до 16 часот во секој работен ден и во сабота.
Со ова се оствари предизборното ветување на коалицијата предводена од СДСМ – партијата што сега е најголем коалициски партнер во актуелната извршна власт во земјава.
Оваа вест израдува многу граѓани и домаќинства во земјава затоа што ќе имаат одреден бенефит што треба да го почувствуваат преку снижување на сметките за електрична енергија. Сепак оваа одлука на РКЕ во која биле консултирани повеќе енергетски фактори има и други импликации. „Фактор“ во оваа анализа ќе се обиде да ги изнесе најзначајните факти кои ќе произлезат од новонастанатата состојба односно од новиот модел на тарифитрање на регулираните потрошувачи кој треба да почне да важи од почетокот на октомври.
1.Треба да има намалување на износите на сметките за електрична енергија што ги плаќаат најголем број од домаќинствата затоа што добиваат 12 нови часови струја во евтина тарифа. На дневно ниво соодност на скапа и евтина струја сега ќе биде 14 часа скапа наспрема 10 часа евтина струја, а досега беше 16 часа скапа наспрема 8 часа евтина струја. Значи учеството на евтината тарифа се зголемува за 8,3 отсто во едно деноноќие. Според слободни проценки сметките на домаќинствата тоа просечно ќе ги намали до 10 отсто;
2. Реално е да се очекува раст на конзумот на електрична енергија во овие два часа односно од 14 до 16 часот во споредба со сега. Официјални и јавни податоци покажуваат дека и сега без разлика што овие часови се во скапа тарифа потрошувачката за струја кај тарифните потрошувачи е значајно висока и повисока во споредба со други часови во скапа тарифа. Ова значи дека зголемениот конзум мотивиран од пониската цена во тие два часа ќе го зголеми и товарот врз преносната и дистрибутивната мрежа во тој период, а со тоа ќе се променат и условите за режимите на управување со системите за пренос и за дистрибуција на електрична енергија. Дополнително на тоа операторот на дистрибутивниот систем ќе треба да ангажира значајни ресурси за промена на тарифните режими на броилата за електрична енергија;
3. Ќе се намалат приходите на ЕЛЕМ државната компанија за производство на електрична енергија која е задолжена да ги снабдува со електрична енергија тарифните потрошувачи односно поконкретно домаќинствата. Дополнително, снижената цена на струјата реално е стимул за зголемена потрошувачка за електрична енергија. Тоа за ЕЛЕМ ќе значи повеќе работа за помалку пари. Со оваа мерка компанијата ќе мора да ги предефинира своите ресурси и постројките за производство на електрична енергија. Со овој потег ќе му се ускратат можностите на ЕЛЕМ да продава електрична енергија по пазарни цени заради тоа што ќе се намали веројатноста дека може да продуцира вишоци електрична енергија во однос на потребите на конзумот на регулираните потрошувачи. Едноставно кажано, овој потег ќе влијае врз финансиските и проиводствените планови на ЕЛЕМ. Ова ќе биде значаен предизвик за ЕЛЕМ затоа што ако нема доволно сопствена произведена електрична енергија ќе треба да ја најде за одговори на потребите на тарифните потрошувачи. Ќе стане ли ЕЛЕМ неконкурентен на пазарот на електрична енергија? Тоа значи дека ќе треба квалитетно планирање и навремено обезбедување количества електрична енергија. Како и да е овој потег ќе влијае врз евентуална преговарачка позиција на нашата страна за продажба или стратешко партнерство за ЕЛЕМ.
4. Како ќе реагира Европската енергетска заедница на оваа непазарна мерка? Одговорот засега го нема. ЕЕЗ со седиште во Виена која е главен монитор на интегративните процеси за либерализација на енергетските пазари во балканските земји во неколку наврати наназад потенцира дека сите земји и чинители на Балканот треба да одат кон либерализација и кон тоа струјата да стане стока со пазарна цена, а не да биде како што е сега социјална категорија. Наскоро веројатно ќе го чуеме и нивниот став кон овој потег. Можеме да очекуваме дека најљубезно ќе сугерираат дека иднината е во пазарните процеси и конкурентноста која носи прогрес и општо добро.
Р.Ф.