Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој ќе ги финансира автопатите на „Бехтел&Енка“?

Кој ќе ги финансира автопатите на „Бехтел&Енка“?

Градежниот конзорциум „Бехтел & Енка“ ќе биде uber alles македонските закони. Членот 3 од овој закон ги дерогира сите други закони со кои би се судрил законот за „Бехтел & Енка“. Ексклузивитет без преседан... Уставните судии изгласа дека нема проблем. По нивното толкување не е засегната пазарната конкуренција.Но, дали е се така црно? Секој медал има две страни. Ќе може ли домашното финансирање на овој мега градежен проект да обезбеди атрактивни капитални пласмани за полните каси на домашните приватни пензиски фондови и на компаниите за животно осигурување? Дали новите државни обврзници со кои ќе се финансира овој проект генерално ќе ги покачат каматните стапки? Дали тие вложувања во државни обврзници ќе обезбедат долгорочни пристојни приноси за идните пензионери? Дали приходите од патарини од овие автопати ќе овозможат долгорочна одржливост на овој проект?

Уставниот суд направи правен преседан! Кацарска и екипата изгласаа дека не се крши Уставот во случај кога Владата без тендер, а врз основа на закон (за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер) ќе избере компании за изградба на три автопатски делници! Овој состав на уставни судии даде „карт бланш“ на градежниот конзорциум на „Бехтел & Енка“.

Овој закон во собранието беше донесен по скратена постапка, а потпис на предлогот ставија координаторите на пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ Јован Митрески и Арбор Адеми, „прославениот“ Кастриот Реџепи и Сурија Рашиди.

Овој закон ќе се памти по повеќе работи. Една од тие е таа што опозицијата не критикуваше ништо, па дури „онеме“ и дежурниот критичар и прокламиран левичар Димитар Апасиев. Не критикува ниту стручната јавност... Онеме и претставништвото на Европската комисија. Само ДКСК пружи безуспешен отпор.

Законот беше усвоен во јули. ДКСК поднесе иницијатива до Уставниот суд. И сега тоа е завршена работа. Останува впечатокот дека во стручната и во општата јавност има горчина за ова законско решение затоа што (да се изразиме со фудбалски речник) „пазарната економија не примила гол од офсајд, а тоа го покажал и ВАР системот на тимот уставни судии предводен од Кацарска“.

Остануваат дилемите со кои во овој закон испишан на 16 страници се дерогираат други закони и им се дава повластена положба на градежниците „Бехтел & Енка“. Особено членот 3 кој уредува:

(4) Овој закон ќе се применува како посебен закон со кој се исклучува примената на други закони во целост или делумно, односно кој се применува без оглед на другите применливи закони во Северна Македонија, и тоа во врска со сите прашања уредени со овој закон.

Дали е се толку црно?

Да пробаме да ја скицираме финансиската страна на овој проект. Анкетата што ја направивме меѓу градежници и проектанти вели дека „окативно“ проектите што ги опфаќа овој закон ќе „тангираат“ барем половина милијарда евра во нивна реализација. Овие патишта ќе се финансираат од домашно задолжување и тоа е засега е повеќе од сигурно. Затоа што европските институции нема да дадат пари за финансирање на проекти во кој изведувачите се избрани без тендери!

Инвеститор ќе биде државното јавно претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Голема е веројатноста дека ЈПДП ќе го сервириса Министерството за финансии преку издавање државни обврзници или записи. Тие се првокласни инструменти (од аспект на ризикот) затоа што за нив гарантира државата преку идните даночни приходи од нас – граѓаните. А има компании кои „се полни пари ко бродови“ и кои со закони се обврзани да вложуваат само во првокласни финансиски инструменти. Ако каматните стапки на заемите планирани за овие вложувања излезат поповолни од банкарските депозити овој мега проект можеби и ќе го разигра пазарот на капитал!

Овие автопати се капитални инфраструктурни проекти кои ќе генерираат приходи од патарини. Тоа се идни приливи во буџетот. И ако се изградат патиштата побргу инвестицијата ќе почне да се враќа порано. А овој закон барем од оваа перспектива дава високи очекувања дека ќе се надминат временските бариери на административните процедури кои сега реално се проблем за изведба на инфраструктурни проекти. А токму тоа го содржи и фамозниот член 3 во ставот 4.

Да, оваа анализа содржи многу ако. Но сега и нема други официјални финансиски податоци од кои може да се влечат заклучоци. Сепак финансискиот потенцијал на овие проекти е огромен гледано од аспект на потенцијалот на нашиот пазар на капитал. И е голема можност за алокација на средства кои сега лежат по банки со ниски каматни стапки. Конечно и нашите високо – потентни правни субјекти ќе имаат прилика да размислат и одлучат дали да финансираат проекти од патната инфраструктура за кои гарантира државата.

Р. Ф.

Слично

Поврзани вести