Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОЈ ЌЕ БИДЕ НОВ ЧЛЕН НА ЕДЕН ОД НАЈВАЖНИТЕ РЕГУЛАТОРИ, РКЕ - Андреј Тасев доаѓа од Фабриката за амортизери СТД во Нов Дојран

КОЈ ЌЕ БИДЕ НОВ ЧЛЕН НА ЕДЕН ОД НАЈВАЖНИТЕ РЕГУЛАТОРИ, РКЕ - Андреј Тасев доаѓа од Фабриката за амортизери СТД во Нов Дојран

Андреј Тасев ќе биде нов член на Регулаторната комисија за енергетика, откако во ноември лани во пензија замина дотогашниот член на РКЕ, Панче Орцев.

Ова му го предлага Владата на Собранието на Македонија, откако на крајот на март годинава ја донела оваа одлука, а предлогот веќе е доставен во законодавниот дом, каде што пратениците треба да се изјаснат за изборот на Тасев.

Како што е познато, Регулаторната комисија за енергетика, која е еден од најважните регулатори во земјава и ги регулира цените и условите за енергенсите, како што се струјата, бензините и парното, се состои од седум члена, од кои едниот е претседател.

Откако Панче Орцев си заминал во пензија во ноември лани, сега е неопходно да се избере нов член на Регулаторната комисија за енергетика.

Во кратката биографија на Андреј Тасев, кој треба да биде нов член на РКЕ, се наведува дека тој е роден во 1975 година во Гевгелија, каде што завршил основно и средно образование.

Своето работно искуство го почнал како сопственик и управител на Фабриката за амортизери и резервни делови СТД од Нов Дојран, каде што е вработен до денес.

Бил член на Советот на општина Дојран, претседател на Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие на таа општина за одржување и фрепарација на таа општина, а таму долго бил и надворешен стручен соработник. Потоа бил надворешен соработник на ЈП комунална чистота во Богданци, а од 2009 до 2013 повторно бил избран за член на Советот на општина Дојран.

Во 2010 година ја добил наградата Пронајдок на годината за пронајдокот Еднонасочен хидрауличен телескопски амортизер, а добил и награда од Министерството за образование на Романија.

Андреј Тасев е машински инженер. Завршил машински факултет во Скопје, додипломски студии на Факултетот за економија, како и магистерски студии на истиот факултет.

Во неговата биографија стои и дека активно зборува и пишува англиски и француски јазик, а се служи и со грчкиот јазик.

Инаку, во образложението од Владата до Собранието стои дека функцијата член на РКЕ се врши професионално и е неспојлива со извршување на друга функција, функција во политичка партија или работно место.

Мандатот на секој член и на претседателот на РКЕ изнесува пет години и ниту еден член не може да биде повеќе на таа функција повеќе од два последователни мандати.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести