Кој ќе седне на европското амбасадорско столче во Македонија место Аиво Орав ?
Најверојатно на столчето шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија на местото на Аиво Орав ќе седне словенецот Самуел Жбогар.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел екс министерот за надворешни работи на Словенија и актуелен Специјален претставник на Европската унија на Косово ќе биде новиот амбасадор на ЕУ во Македонија.
Засега, од Европската комисија и од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) се уште не сакаат официјално да потврдат, бидејќи подготвуваат соопштение во кое ќе ги објават сите 15 нови ЕУ-амбасадори во земјите од Балканот и поширокиот регион, сепак, Словенецот веќе минатата недела поминал успешно на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент и доби дозвола од 1-ви септември да ја превземе функцијата од Аиво Орав во Скопје.
Жбогар веројатно нема да ја има двојната функција шеф на ЕУ-делегација и Специјален претставник на Унијата што досега ја имаше на Косово, туку само ќе биде амбасадор на Унијата во Република Македонија. За да биде Специјален претставник треба да се избере и во Европскиот совет, за што нема волја кај дел од земјите-членки на Европската унија, па останува само да го наследи Естонецот Орав.
Актуелниот шеф на делегацијата на Унијата во Македонија, Аиво Орав, пак заминува за амбасадор на ЕУ во Подгорица, Црна Гора.
