Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој ја држи економијата во Овче Поле?

Кој ја држи економијата во Овче Поле?

Економијата на Свети Николе има отворена перспектива со новиот автопат што ги поврзува Штип и Скопје. Како ќе ја искористат фирмите и претприемачите од овој град останува да видиме. Лани Свети Николе имал една фирма со приход што надминал 10 милиони евра, уште три фирми со приходи еднакви или поголеми од 5 милиони евра и уште десетина фирми чии приходи лани надминале 1 милион евра

Регионот на Овче Поле порано беше синоним за сточарство и земјоделство. Транзицијата го направи своето и значаен дел од некогашните гиганти заминаа во историјата, но дел од компаниите успеаја да се прилагодат и успешно да опстојуваат до ден денеска. Времињата се менуваат, а со тек на годините претприемачите развија и некои бизниси па така на пример денеска една од најголемите компании во Свети Николе е кондиторска индустрија чиј најпознат производ е кремот. Овој по неодамна подзаборавен регион сега има нова перспектива која му ја отвори новиот автопат што го поврзува Штип со Скопје и минува во непосредна близина на Свети Николе. 

Како лани работеле фирмите од градот чиј најголем амбасадор е вонсерискиот ракометар Кире Лазаров и долгогодишниот социјалистички вожд Лазар Колишевски?

Најголема компанија во Свети Николе и бренд на Овчеполието останува месната индустрија МИК Свети Николе. Оваа компанија, која во поранешниот систем беше пред се дел од наменската индустрија – поточно произведуваше конзервирани месни преработки за тогашната сојузна армија ЈНА. Компанијата успешно се приватизира, преструктуира и го најде своето место пред се на домашниот пазар на кој освен широката палета месни преработки продава и свежо свинско месо. МИК Свети Николе лани имал приходи во вредност од 13,7 милиони евра, а остварил добивка од 56.000 евра.

Најпрофитабилна компанија во Свети Николе лани била БИМ индустрија за производство на градежни и изолациски материјали на база на битумен. Оваа компанија лани остварила профит од 816.000 евра, а приходите и изнесувале 8,8 милиони евра. Според остварените приходи БИМ е втора најголема фирма во Свети Николе по МИК. БИМ е компанија во која директорот Стојанче Стојанов поседува 53 отсто од акциите со право на глас, а позната е во инвеститорската јавност како компанија која дели солидни дивиденди на своите акционери.

Кондиторската индустрија „Лион“ е трета најголема фирма во овој град во централниот дел на источна Македонија. Главна дејност на „Лион“ е производството на чоколади, какао производи и други слатки „тајни“. Лани компанијата остварила приход од 5,7 милиони евра, а нејзината добивка изнесува 624.000 евра.

Трговската компанија „Астра“ е четврта во низата компании кои лани имале приход еднаков или поголем од 5 милиони евра. Компанијата на Тодорче Серафимов лани остварила приходи од 5 милиони евра и реализирала добивка од 335.000 евра.

Следна е компанијата чија дејност е посредување во трговија „Андонов“ семејна фирма на Александар Андонов. Оваа компанија лани имала приход од 4,4 милиони евра и остварила добивка од 326.000 евра.

Најголемата текстилна компанија во Свети Николе, и една од поголемите во земјава, „Мода“ лани остварила приход од 3,85 милиони евра и годината ја завршила до добивка од 83.000 евра. И тука завршува листата на поголеми компании од Свети Николе.

Свети Николе има уште неколку компании кои за локалната економија се значајни и лани успеале да направат приход еднаков на или поголем од еден милион евра.

Единствена земјоделска компанија во оваа група е Поледелство Ерџелија фирма на „Бони Ер“ компанија од Куманово која ја има и оперира со единствената земјоделска авијација во земјава. Поледелство Ерџелија лани оствари приход од 1,05 милиони евра и оствари профит од 60.000 евра. Компанијата за производство на леб Алгомак лани оствари приход од 1,1 милиони евра и заврши до добивка од 95.000 евра. Млин Ивана мелничарска компанија лани остварила приход од 1,2 милиони евра и успеала да заврши со позитивна нула или поточно со добивка од 2.000 евра. Семејната фирма на светиниколското семејство Николови „Хемипром“ остварила добивка од 170.000 евра од приходот што достигнал лани 1,5 милиони евра. Свети Николе има и две компании кои тргуваат на мало со моторни горива. Едната е Мики Петрол и таа лани остварила добивка од 3.000 евра на приход од 1,1 милиони евра. Другата компанија е Агромикс која на приход од 1,4 милиони евра остварила профит од 117.000 евра. Во оваа група е и текстилната компанија Камотекс со профит од 85.000 евра и приход од 1,5 милиони евра. 


Р.Ф.

Слично

Поврзани вести